Центарот за социјални иновации Блинк 42-21 и Општина Кочани денеска организираа завршен настан во рамките на проектот „Истражување на јавната вредност на технологијата – случај на дигиталната платформа мЗаедница“.
Во присуство на граѓани, младинци, претставници на јавната администрација и на Институтот за европски политики од Скопје беа презентирани резултатите од спроведениот проект, од унапредувањето на дигиталната писменост во општината и беше презентиран документот за јавна политика.
Претходните месеци со проектот беа реализирани консултации со засегнати страни, сесии со групи граѓани со тешкотии во пристапот кон услугите, а минатата седмица со младинци од Кочани беше реализирана анкета за приоритетите на граѓаните, со која преку дигиталната алатка „мЗаедница“ беа опфатени 1305 испитаници.
„Реализацијата на анкетата поврзана со прашања од јавен интерес од локално значење, во чиј фокус беа мислењата на младите, поттикна младински активизам во технологијата, активизам што за нас е многу важен. Вака разработената алатка за двонасочна комуникација со граѓаните, нам, како Општина, останува да ја користиме максимално. Со „мЗаедница“ имаме проширена понуда на дигитални општински услуги и можност за понатамошно развивање на дигиталната трансформација на Општина Кочани“ истакна на настанот секретарот на Општина Кочани Драган Ананиев.
Проектот „Истражување на јавната вредност на технологијата – случај на дигиталната платформа мЗаедница“ влијае не само на зајакнувањето на капацитетите на локалната администрација во понудата на дигитални јавни услуги туку и во употребата на податоци за локално стратешко планирање.
Општина Кочани
КОМЕНТАРИТЕ СО НАВРЕДЛИВА СОДРЖИНА И ВУЛГАРНОСТИ ЌЕ БИДАТ ИЗБРИШАНИ