„ЖЕТВАРИТЕ“ ОД КОЧАНИ КАКО ТАЈФУН ПОМИНАА НИЗ РАДОВИШ

Во Спорт
март 21, 2026
1 минути

Во натпревар од 21-то коло во Втора Фудбалска Лига играчите на „Осогово“ ја забележаа и петтата победа по одиграните шест натпревари  во пролетниот дел на првенството.

„Жеѕварите“ како тајфун поминаа низ Радовиш совладувајќи го домаќинот „Детонит Плачковица“ со 4:2 (2:2) и со камата му го наплатија есенскиот пораз што како домаќини го доживеаја од истиот противник.

Сите играчи во жолто бели дресови го дадоа својот максимум и покажа како треба да се гине на теренот за  името на клубот во кој настапуваат. Иако сите играчи се заслужни за победата сепак играч на натпреварот секако дека е Филип Димоски кој со погодоците во 20’44’ и 74’ го постигна првиот хет-трик во дресот на кочанскиот второлигаш.

Резултатот го отворија домаќините во 16’. По една нафрлена топка од левата страна на пет-шест метри од голот на „Осогово“ се создаде голема мешаница, најприсебен беше Филип Ѓорѓиевски кој ја затресе мрежата на немоќниот Ѓорѓи Јованоски.  Се играше 20 минута кога на дваесетина метри од голот на „Детонит Плачковица“ итриот Марио Симоски му ја „украде“ топката на Мартин Мисердовски и веднаш го проигра Филип Димоски кој успеа да го совлада домашниот голман Димитар Ѓоргиев.

Во 39’ домаќините повторно дојдоа во водство, Тони Мичкоски со удар надвор од казнетиот простор го погоди долниот лев агол на „Осогово“, за да по само пет минути, односно во 44’ ист таков гол за израмнување постигна Филип Димоски.

На стартот на второто полувреме поточно во 47’ гостите и трет пат ја затресоа мрежата на радовишани. По еден нов кокс на домашната одбрана некогашниот играч на „Детонит Плачковица“ Христијан Поп Антоски со прекрасен удар ја погоди мрежата. Конечниот резултат го постави Филип Димоски во 74’ кога доби една топка во срцето на казнетиот простор на „Детонит Плачковица“ рутинирано измами еден домашен играч и од само неколку метри биеше во небранетиот дел од мрежата.

Со новите три бода „Осогово“ се искачи на шестата позиција со реални шанси и со распоредот кој го имаат да отиде можеби уште некое скалило погоре,

Резултати од 21-то коло:

Детонит Плачковица – Осогово  2:4

Беласица – Тетекс  3:1

Слога 1934 – Шкендија (А)  0:5

Големо Коњари – Победа  ( натпреварот се игра во недела)

Скопје – Кожуф  1:0

Охрид – Вардар (Н)  4:0

Преспа – Брегалница  0:3

Каменица Саса – Новаци  0:0

С.  Ивановски

КОМЕНТАРИТЕ  СО  НАВРЕДЛИВА  СОДРЖИНА  И  ВУЛГАРНОСТИ  ЌЕ  БИДАТ  ИЗБРИШАНИ  А  НИВНИТЕ  АВТОРИ  БЛОКИРАНИ