„ЖЕТВАРИТЕ“ ПОТКЛЕКНАА ВО ФИНИШOT ОД НАТПРЕВАРОТ

април 2, 2022
1 min read

Се одиграа натпреварите од 21 коло во Втора Фудбалска Лига – Исток во кои домаќините остварија стопостотен учинок.

Дерби натпреварот се одигра во Македонска Каменица каде домашната „Каменица Саса“ дури во финишот го скрши отпорот на кочанчани и заслужено го совлада „Осогово“ со 2:0 (0:0).

Самиот натпревар не донесе кој знае колку интересен фудбал. Домаќините ја имаа теренската иницијатива но сето тоа беше јалово бидејќи „жолто-сините“ повеќе беа на својата половина и успешно се бранеа. Резултатот беше откриен во 81 минута кога Соколовски со удар вон шеснаесетникот ја затресе мрежата на гостите. По водството „рударите“ успешно ги одбиваа нападите на кочанчани за да во 87 минута со вториот погодок ја осигурат победата. Имено „Каменица Саса“ беше во напад по десната страна, следуваше центаршут, штоперите на гостите подзаспаа што беше доволно Мисердовски да  постави нога и од прва да бие во незаштитениот дел на мрежата.

Во Виница „Слога 1934“ по турбулентната седмица успеа да се вивне над сите проблеми  и со победа да се врати на челната позиција.

„Беласица“ и „Победа“ со шестка ги почестија своите противници а во Пехчево истоимениот клуб славеше над „Кожув“ со минимални 1:0/

Резултати од 21 коло:

„Каменица Саса“ – „Осогово“  2:0

„Слога 1934“ – „Детонит јуниор“  2:1

„Пехчево“ – „Кожуф“  1:0

„Беласица“ – „Локомотива“  6:0

„Победа“ – „Братство“  6:0

На табелата води „Слога 1934“ со 45 бода пред „Победа“ и „Беласица“ со по 44, „Каменица Саса“ 43, „Осогово“ 27, „Пехчево“ и „Кожуф“ по 26, „Детонит Јуниор“ 20, „Братство“ 13 и „Локомотива“ 6 освоени бода

Во следното коло „Осогово“ ја пречекува „Беласица“.

С. Ивановски.