Што друго и да се напише за „Пејпер Мил“ веќе е повеќе пати напишано и повеќепати прочитано.
Очигледно е дека некој ги подржува сопствениците на фабриката па истите се однесуваат како тие да се газди на Кочани, град кој пред транзицијата беше еден од најчистите во целата тогашна држава а денес благодарение токму на „Пејпер Мил“ станува дел од пеколот.
Социјалните мрежи се преполни со слики од самоволието на сопствениците на фабриката. Секој викенд или празник додека не работат службите (а и да работат никој не смее да се зафати да го реши проблемот со загадувањето од фабриката) сведоци сме дека оџакот чади час црвен дим, час црн, а миризбата што се шири не му дозволува на населението ниту една минута да излезат од своите домови.
По се изгледа тешко дека некој ќе му каже СТОП на ова лудило.
Но, кога ќе го вратиме филмот наназад проблемите со фабриката за „Целулоза и хартија“ започнаа многу порано уште со продажбата на „Агрокор“ и регистрацијата на фабриката под името „Хартија КО“.
На 08.10.2009 година беше најавен проектот „Од биомаса во енергија“ за кој тогаш свое обраќање имаа претставникот на Италијанската Амбасада во Република Македонија, Александар Марковиќ – Сопственикот на „Хартија КО“, Неџат Јакупи – Министер за животна средина и просторно планирање на Република Македонија и Ратко Димитровски – Градоначалникот на Општина Кочани. Проектот како што беше тогаш потенцирано имаше за цел мазутот кој се користеше во фабриката да се замени со био маса што ја имаше по жетвата на оризовите полиња. Проектот никогаш не заживеа што беше знак дека некој уште тогаш ни направи филм и дека нешто се спрема поголемо со некогашниот стопански гигант на Кочани во кои егзистираа околу 800 семејства од Општина Кочани.
Набргу започна раскрчмувањето на фабриката.
На 11.03.2010 година избувна пожар во погонот за складирање на хартија каде беше пријавана голема материјална штета. Беше објавено дека причината за пожарот е неисправна и застарена електрична инсталација.
На 23.11. 2011 година во неработен ден поради „Денот на дрвото – засади ја својата иднина“ од фабриката масовно се изнесоа речиси сите машини, се сместија во возила и заминаа во непознат правец.
На 10.01.2012 година се извадија железничките шини и праговите и се однесоа во непознат правец со што се прекина поврзаноста на „Македонски железници“ со фабриката.
И се додека се случуваа овие дејствија и навреме беше информирана кочанската јавност никој од надлежните институции не се засегна ниту мрдна со прст за сето зло дело што дотогаш беше направено.
И денес, ни пречи на сите со право „Пејпер Мил“ што ни го загадува воздухот и со кој не труе, а токму денешното загадување има една интересна и подолга историја.
С. Ивановски