НОВИОТ КИКС НА „ОСОГОВО“ ГО ВРАТИ ВО ЗОНАТА ЗА ИСПАЃАЊЕ

Во Спорт
декември 7, 2021
1 минути

По студено време проследено со ситен дожд и лизгав терен за игра денес во Кочани во рамките на 14-тото коло од Втората Фудбалска Лига – Исток „Осогово“ ја пречека прилепска „Победа“. „Жетварите“ повторно киксираа на домашен терен по што се вратија во зоната за испаѓање.

Уште не се беа доволно загреале играчите а гостите веќе поведоа. Се играше 2’ кога Бошески доби топка во празно, се спушти кон голот на домаќините а кога дојде до голт-аут линијата ја врати топката наназад до осамениот Давид Јошески кој со удар по земја го совлада Иванов.

По примениот гол „жолто-сините“ почнаа да атакуваат кон голот на Котевски, но нападите беа јалови. Со резултат 0:1 се замина на одмор. Уште на почетокот на второто полувреме се виде желбата кај домашните играчи да дојдат до поволен резултат. Се растрчаа по целиот терен и како плод на една акција Тоше Манов со удар по земја од петнаесетина метри ја затресе гостинската мрежа.

И тогаш на сцена стапи денес мошне несигурниот главен судија Бафто Фатмир. Измисли неколку последователни фаули во корист на гостите по што по едно такво нафрлање во 61’ највисок во скокот беше Филип Стомнароски и со глава ја упати топката во мрежата на „Осогово“. Домаќините уште не се беа соземале по првичниот шок а веќе по две минути резултатот гласеше 1:3. на една длабочинска топка истовремено тргнаа домашниот голман Благојче Иванов и Бојан Спиркоски, гостинскиот играч беше побрз и успеа изби сам пред празната мрежа и немаше тешка задача по трет пат да ги принуди домаќините да тргнат од центарот. До крајот на натпреварот играчите од двете се трудеа да дојдат до нов погодок но тешкиот терен а и постојаното сецкање на играта од денес несигурниот главен судија да остане резултатот од 63’.

Резултати од 14-тото коло:

„Осогово“ – Победа“  1:3

„Каменица Саса“ – „Беласица“  0:0

„Слога 1934“ – „Детонит Јуниор“  1:1

„Кожуф“ – „Кит Го“  2:1

„Братство“ – „Локомотива“  4:1

Лидер на табелата по 14 одиграни кола остана екипата на „Слога 1934“ со 32 бода, пред „Победа“ со 29, „Каменица Саса“ 28, „беласица“ 25, „Кит Го“ 19, „Осогово“ 18, „Кожуф“ 17, „Детонит Јуниор“ 15, „Братство“ 7 и „Локомотива“ 6.

Во последното есенско коло кое на програмата е во Сабота „Осогово“ му гостува на „Детонит Јуниор“.

С. Ивановски