Благодарение на неколку фудбалски ентузијасти полека но сигурно се враќа фудбалот во Пехчево. Од оваа година почна со работа новоформираниот фудбалски клуб „Напредок 2025“ кој уште на стартот покажа дека е со сериозни намери да го врати фудбалот во Пехчево, кое години наназад беше еден респектабилен фудбалски колектив кој даваше посебен фудбалски шмек во Малешевијата.
ФК „Напредок 2025“ од Пехчево е новоформиран фудбалски клуб, создаден пред само три месеци, основан од здружение на граѓани. Претседател на здружението е Марјанчо Димитро, а стручниот тренерски тим на клубот го сочинуваат Ерол Пилов – активен фудбалер и капитен на ОФК „Малеш“ од Берово и Андреј Митровски – фудбалер и наставник по ФЗО.

Клубот моментално работи со повеќе генерации: 2013, 2014, 2015, 2016, 2017, 2018 и 2019 година а за натпреварување во лига ги имаме активни генерациите: 2013, 2015 и 2017 година. Сите деца тренираат три пати неделно, а секоја сабота имаат натпревари. Децата се дружат и се почитуваат меѓу себе што создава позитивна и вистинска спортска атмосфера.
Сите деца се комплетно опремени со спортска опрема и тренерки, а клубот има добиено и важни донации, маици од „Aldariv“ – Пехчево, дресови од Бојан Ристовски како и индивидуални донации од повеќе луѓе од Пехчево.

Преку градоначалникот на Општина Пехчево Александар Китански е обезбеден превоз за сите деца кога се оди на гостување и натпревари надвор од Пехчево.
Управата на здружението на граѓани, предводена од Марјанчо Димитров, заедно со тренерите Ерол Пилов и Андреј Митровски, и сега и во иднина ќе се залагаат да обезбедат уште подобри услови за сите деца се со цел овој дел од Источниот регион повторно фудбалски да заживее. Во ФК „Напредок 2025“ – Пехчево се работи сериозно, со професионален пристап се со цел да се создаваат млади играчи и да се гради вистинска фудбалска иднина во општината.

„Секоја добра намера, секоја донација, секоја помош – директно влијае на иднината на овие млади фудбалери. Го охрабруваме секој кој сака да помогне – фирми, поединци или спортисти – да се приклучат кон овој проект и да дадат свој придонес. Заедно можеме да создадеме уште подобри услови за развој на спортот и младите во Пехчево“ подвлекуваат од ФК „Напредок 2025“.

С. Ивановски
КОМЕНТАРИТЕ СО НАВРЕДЛИВА СОДРЖИНА И ВУЛГАРНОСТИ ЌЕ БИДАТ ИЗБРИШАНИ А НИВНИТЕ АВТОРИ БЛОКИРАНИ
