ГРАДОНАЧАЛНИКОТ ГРОЗДАНОВ ВО ПОСЕТА НА ОУ „МАЛИНА ПОПИВАНОВА“

декември 3, 2025
1 минути

По повод 3 Декември – Меѓународниот ден на лицата со попреченост, градоначалникот на Општина Кочани Владко Грозданов го посети ООУ „Малина Попиванова“, во чиј состав функционира специјалната паралелка за ученици со посебни образовни потреби.

На средбата со учениците и со наставниот кадар, градоначалникот ја истакна важноста од создавање инклузивна и поддржувачка средина во која секое дете ќе има еднаква можност за развој, учење и напредок. Тој ја поздрави работата на ОУ „Малина Попиванова“, кое претставува јадро за инклузија на учениците со попреченост и во кое во моментот се опфатени 14 ученици со посебни образовани потреби и се ангажирани 9 образовни асистенти.

Градоначалникот Грозданов упати благодарност до наставниците и стручните служби за нивната посветена работа, нагласувајќи дека Општина Кочани и понатаму ќе вложува во унапредување на условите, ресурсите и програмите што им овозможуваат на учениците со посебни потреби целосно да го развијат својот потенцијал.

Во рамките на програмата за одбележување на Меѓународниот ден за лицата со попреченост, директорот на ОУ „Малина Попиванова“ Благој Петров додели плакети на организации што ја поддржуваат и ја унапредуваат работата на оваа паралелка со посебни образовни потреби.

КОМЕНТАРИТЕ  СО  НАВРЕДЛИВА  СОДРЖИНА  И  ВУЛГАРНОСТИ  ЌЕ  БИДАТ  ИЗБРИШАНИ  А  НИВНИТЕ  АВТОРИ  БЛОКИРАНИ