ДА ЈА ЗАБОРАВИМЕ НАЈМРАЧНАТА ГОДИНА, НО НЕ И НАШИТЕ АНГЕЛЧИЊА

декември 31, 2025
1 минути

Полека отчукуваат последните часови од годината која треба што побргу да се заборави, од годината која ги прекина насмевките, радоста и животот на 63 млади наши сограѓани, наши пријатели. Да, годината треба да отиде во заборав но не и ликовите и имињата на оние кои со нас живееја, кои со нас ги минуваа деновите, месеците, годините, на оние, кои во тој кобен 16 Март заминаа во вечноста, кога од нас се разделија нашите Ангелчиња. Заминаа бидејќи потфрли целиот систем, систем кој сите ние изминатите 33 години го креиравме, ДА, ние го креиравме одејќи да устоличуваме и кој треба и кој не треба.

На прагот сме на ново лето Господово, на прагот сме на 2026 година, година во која треба да си посакаме здравје, бидејќи ако имаме здравје, имаме сẻ, а здравје би имале кога би имале чист воздух за дишење и чиста животна средина за живеење.

Што би им порачале на оние кои преку политиката го креираат не само нашиот живот, туку и животот на генерациите кои наидуваат. Би им порачале најпрвин на деветнаесетте советници во корелација со Градоначалникот да и кажат на Владата на Република Македонија дека е доста да си поигруваат со животите на луѓето што живеат на просторот на Општина Кочани. Под итно да ја сменат одлуката (доколку и има таква одлука донесено) и од почетокот на годината општините Зрновци, Чешимово-Облешево и Виница си го истоваруваат сметот на нивното буниште а не на депонијата во Кочани. Само со таков нивен пристап ќе помогнат да се подобри животот на овој сега напатен народ.

Би им препорачале она што го имаат ветено за време на кампањата а се однесува на средувањето на сообраќајот во Кочани да почне да го реализираат бидејќи по улиците на Кочани денес нема сообраќај, денес има сообраќаен хаос.

Би им препорачале повеќе да се свртат кон младите генерации, да им обезбедат повеќе простор за спортување, за музика, за култура, за дружење, за забава.

Би им препорачале да го прекинат прекумерното речиси секојдневно диво населување во општината со градење на дивоградби за кои потоа нема да можат да изнајдат решение на тие луѓе да им се обезбеди инфраструктура.

Би им препорачале на деветнаесетте советници и на Градоначалникот да работат во интерес на жителите на општината а не во интерес на партиите.

Би им препорачале да отвораат што повеќе на работни места за вработување на младите со што би се спречило нивното заминување во други држави, и тоа вработување според квалитетот и знаењето а не според партиската припадност.

Би им препорачале да се грижат повеќе за безбедноста на населението/

И за крај би им препорачале со она со што го започнав текстот. Да изнајдат Решение за да се обезбеди пригоден простор за поставување на спомен обележје на сите оние кои во тој кобен 16 март настрадаа во дискотеката „Пулс“. Мора да останат нивните ликови и имиња да лебдат низ воздухот и да се пренесуваат од генерација на генерација во знак на сеќавање дека живееја во време во кое живеевме и ние.

С.  Ивановски

КОМЕНТАРИТЕ  СО  НАВРЕДЛИВА  СОДРЖИНА  И  ВУЛГАРНОСТИ  ЌЕ  БИДАТ  ИЗБРИШАНИ  А  НИВНИТЕ  АВТОРИ  БЛОКИРАНИ