НЕ Е ИСТО ДА СЕ КОМЕНТИРА И ДА СЕ СУФЛИРА

јуни 25, 2023
0 минути

Почитувани читатели. Причина за моето денешно обтаќање е континуитетот на мешање во уредувачката политика на нашиот портал. Никој со сила немаме натерано да ги чита изминатите 17 години нашите текстови без разлика какви се и на која тема се. Главно се трудиме да ги нотираме настаните онакви какви што се, се со цел да имате претстава за сето она што ни се случува. Сите ваши дописи и фотографии (дискрецијата е гарантирана од наша страна) се трудиме да ги објавиме се со цел надлежните кои можеби не се запознаени  со проблемот, навреме да реагираат и да им помогнат на жителите.

Вчерашниот текст „Кому му смета разубавувањето на Трговскиот центар“ имаше доста коментари а и доста сугестии.

Според сето напишано луѓето и понатаму се интересираат зошто градината на комшијата не е средена до крај иако нивната градина коров фатила. Тоа е за подлабока анализа.

Ние тоа што го видовме во текот на вчерашниот ден ни остави убав впечаток без разлика му се допаѓало тоа некому или не. Според нас убаво изгледа, а дали пред тоа имало обид за поставување на некаква платформа што ја спомнуваат некои во коментарите ниту сме виделе, ниту не интересира, нас не интересира единствено  она што е поставено и моментно постои а дали е законски или не има кој да каже.

Мои пријатели синоќа ми појаснуваа за тоа дека било почнато поставување на платформа затоа и имало инспекција, но не пишуваат за нивните газди каде хонорарно се вработени дали тие го почитуваат куќниот ред на станарите од зградата. Во пораките други ни суфлираат дека треба да имаме истражување пред да напишеме зошто имало инспекција, а за жал тие не истражуваа зошто изминатиот период во некои угостителски објекти се рушеа ѕидови (некои и носечки), зошто отворите за вентилација се со намалена широчина, зошто избиваа пожари во струјомерите, тие тоа не го истражуваат, ама кога друг ќе пишува, требало да истражува.

Околу грижата за градината на комшијата а не за неговата.

Кога во соработка на неколку млади луѓе што живеат во близина на некогашната печатница „Младост“ први го обелоденивме загадувањето од Пејпер мил (има документи со датум кој кога објавил) нам таа компанија ни го раскина договорот за реклама која кога се договаравме да ги рекламираме воопшто немаше спомнато која им е дејноста и до каде ќе одат. Нам ни беше здравјето на нашите сограѓани поважно од нивните пари за реклама, ама на некои воопшто НЕ.

Кога минатата година преку асоцијација на новинари добивме понуда да бидеме дел од еден проект што само ќе ги реобјавуваме нивните текстови а се во интерес на вистината, веднаш ни суфлираа дека некого сме фаворизирале во глобалната политика. Го раскинавме договорот и побторно ние бевме губитниците се со цел нашите читатели да се нервираат.

Кога први обелоденивме дека ќе има изградба на мини хидроцентрала многумина почнаа да бистрат политика, ама кога разбраа кој стои зад одобрението си ја „свиткаа опашката“ и се загубија од јавноста. И денес кога горе се гради, ние пишуваме, но нив никаде ги нема, очигледно се плашат за своите позиции.

Почитувани, да разјасниме не знам по кој пат. Коментарите и понатака ќе ги објавуваме, а оние кои се со невкусна содржина и навредливи не кон нас, туку кон лица што не се спомнати ќе ги бришеме, а ако истите личности продолжат со таквите коментари ќе ги блокираме.

И за крај, доколку не ви се допаѓаат содржините кои ги објавувавме не нé читајте, повелете има и други добри портали со способни новинари и добри содржини, ама нам ве замолуваме не ни суфлирајте што и како да работиме.

Да завршам, „Гледајте си ја сопствената градина, а комшијата нека донесе суд за неговата, бидејќи таа градина не е вашата“.

Со поздрав и почитување.

С.  Ивановски