ВЕТУВАА СТАБИЛЕН ВТОРОЛИГАШ А ДОСЕГА БОД НЕ ОСВОИЈА

септември 21, 2023
1 минути

„Ќе се потрудиме не само да обезбедиме опстанок во втората лига туку да изградиме еден стабилен второлигашки клуб кој во блиско време би играл и во првата фудбалска лига“, така одеа коментарите на членови од управата на „Осогово“ за време на подготовките пред стартот на првенството во Втора фудбалска лига.

Но сега, месец дена подоцна се е поинаку, „Осогово“ наместо на средината на табелата се наоѓа на последното место на табелата без ниту еден освоен бод во изминатите пет кола. Од стабилизирањето на клубот засега нема ништо, но за сметка на тоа многу фаци веќе се стабилизираа во клубот откако беше најавено дека „Осогово“ преку жрепка стана второлигаш.  Ако во минатото првенство додека клубот беше во третата лига двајца-тројца го изнесоа целиот товар, денес не можеш да ги наброиш сите оние кои нели го „сакаат“ „Осогово“ и овде се за да му „помогнат“.

Е токму тие неколкумина новоуфрлени во клубот го донесоа на ова денешно дереџе. Најпрвин за да покажат некаква големина без никакво известување до градските медиуми донесоа шеф на стручниот штаб и негов помошник, но затоа пак веднаш ја испратија веста до некои други медиуми кои за „Осогово“ и за Кочани се интересираат како за „стопениот снег од пред дваесет години“. Тие истите што „душата ги боли“ за „Осогово“ кога веќе не обезбедија адекватни играчи за настап во втората лига почнаа да доведуваат млади и непроверени играчи од фудбалските школи од Скопје а децата од младинскиот погон на „Осогово“ ги пратија да се „калат“ во третолигашки клубови иако за волја на вистината децата од младинскиот погон на Осогово  се за класа подобри од новоангажираните, од кои единствено Теодор Николовски – Тео покажа дека е достоен за настапи во второлигашкото друштво.

Дека кочанчани си го сакаат клубот е и поддршката на саботниот натпревар од навивачката група „Сејмени“ која иако екипата игра очајно и бележи лоши резултати сепак се собраа и своето навивање се обидуваа да помогнат, но нели се помага на некого кој има желба и срце да игра за боите на клубот а не играчи кои како да чекаа да падне некоја капка дожд па барем малку да ги намократ дресовите.

Пријатели, вие на кои некој ви го довери водењето на клубот, ако е за аир ДОСТА  Е со ваквото ваше однесување. Трошете општински пари кои преку даноци влегуваат во Буџетот на општината и не е воопшто коректно да се однесувате како се да ви е исто. Или засукајте ги ракавите и обидете се да спасите доколку нешто може уште да се спаси или повлечете се и оставете го клубот да го водат само оние кои је истуркаа третата лига. Ако сте се собрале за своја лична корист, верувајте дека сте се излажале,

Во сабота повторно сте домаќини, овој пат на добрата екипа на „Беласица“, убедени сме дека ако се организирате дека ќе можете да го совладате противникот, но само ако играчите ги подгответе да го дадат и последниот атом од снагата за клубот во кој се платени, во спротивно вие мислете што и како.

Време е да почнете да размислувате за доброто на „Осогово“ а не на сопствените промоции.

Верувајте, време е.

С.  Ивановски

КОМЕНТАРИТЕ  СО  НАВРЕДЛИВА  СОДРЖИНА  И  ВУЛГАРНОСТИ  ЌЕ  БИДАТ  ИЗБРИШАНИ