По мошне студено време проследено си ситен леден дожд денес во Кочани во рамките на 18-тото коло „Осогово“ и „Кожуф“ ги поделија бодовите играјќи 1:1 (0:1).
Домаќините по победата над „Пехчево“ во Штип со доста оптимизам го дочекаа денешниот натпревар, за жал уште на почетокот премногу грешеа па гостите беа тие кои ја имаа играта на средината на теренот.
Се играше 18’ кога домашната одбрана направи кардинална грешка исто како на натпреварот со „Беласица“ и домаќините примија гол кој не смееше да го примат. Последната линија беше статична тоа го искористи гостинскиот играч Тодоров и ја затресе мрежата на немоќниот Андов.
Само три минути подоцна мрежата на гостите се затресе по ударот со глава на Пановски но за жал вториот помошник Соклеска рекламираше гол-аут и голот беше поништен.
До крајот на полувремето домаќините се обидуваа што побрзо да дојдат до израмнување на резултатот но грешеа и колку повеќе времето течеше „жетварите“ беа се понервозни.
Во вториот дел домашните тргнаа поофанзивно, гостите се повлекоа на својата половина и шанса чекаа од контра нападите, На домаќините не им одговараше таквата поставеност на гевгеличани и не можеа да направат некој посериозна шанса за гол па затоа повеќе одеа на центрирани топки од бочните позиции. Сепак во 71’ по една уфрлена топка кон гостинскиот шеснаесетник погреши еден гостински играч, топката ја прифати расниот стрелец Тоше Манов и успеа да го израмни резултатот и на својот тим да му донесе бод кој со оглед на другите резултати го остави „Осогово“ на 5-тото место на табелата.
Резултати од 18-тото коло:
„Осогово“ – „Кожуф“ 1:1
„Слога 1934“ – „Каменица Саса“ 2:0
„Победа“ – „Беласица“ 0:0
„Братство“ – „Детонит јуниор“ 1:0
„Локомотива“ – „Пехчево“ 0:1
На табелата води „Слога 1934“ со 39 бода, пред „Победа“ 37, „Беласица“ 35, „Каменица Саса“ 34, „Осогово“ 23, „Пехчево“ 22, „Кожуф“ 21, „Детонит јуниор“ 20, „Братство“ 13 и „Локомотива„ 6 освоени бода.
С. Ивановски