Во присуство на премиерот Христијан Мицкоски, заменик-министерот за социјална политика Ѓоко Велковски, пратеникот Миле Лефков и претставници од централната и локалната власт, денеска свечено беше пуштен во употреба новиот објект на Детската градинка „Павлина Велјанова“ во населбата Драчевик во Кочани.

Градоначалникот Владко Грозданов истакна дека новиот објект „Детелинки“ при Детската градинка „Павлина Велјанова“ е директен одговор на потребите на нашите сограѓани, на нашите најмлади, на нивните родители и на нашата иднина.

„Овој објект денес промовира и е резултат на една заедничка визија и симбол како може да има една многу солидна синергија помеѓу централната и локалната власт. Како прво, ќе се намали листата на чекање за прием на децата во градинките, ќе се зголеми бројот на згрижени деца во градинките, ќе се олесни секојдневието на нивните родители и ќе се овозможи еден европски стандард за престој, учење и развој на нашите најмили. Објект кој се простира на 1 000 квадратни метри институционален простор и околу 2.500 квадратни метри дворна површина ќе згрижува повеќе од 120 дечиња на возраст од 9 месеци до 6 години, ќе отвори нови 20 работни места за нашите сограѓани и ќе е многу поблизок пристап за родителите кои ги носат своите дечиња во оваа градинка од овој регион“ рече Грозданов.

„Ова е симболичен и значаен начин да ја започнеме 2026 година – со инвестиција во најмладите и во иднината на оваа општина. Министерството за социјална политика, демографија и млади ги обезбеди потребните согласности за вработување на стручниот кадар во детската градинка. Како Влада продолжуваме да инвестираме во отворање на нови капацитети, обезбедувајќи современи услови за развој и воспитание на нашите најмлади граѓани“ соопшти Ѓоко Велковски, заменик-министер за социјална политика, демографија и млади.

„За мене секогаш претставува задоволство кога се пушта во употреба објект кој додава квалитет во животот на граѓаните. Така е и со овој објект во Кочани“ изјави премиерот Мицкоски, посочувајќи дека градинката има јасна функција и капацитет за згрижување значителен број деца. Тој потсети дека бил потребен подолг временски период за објектот целосно да биде ставен во функција, но нагласи дека денес градинката е функционална и исполнета со деца и вработени кои имаат хумана и одговорна задача.

Директорката на ЈОУДГ „Павлина Велјанова“ Јованка Ефтимова во своето обраќање, а и децата згрижени во градинката, преку претставата го истакнаа значењето на новата градинка во Кочани.

КОМЕНТАРИТЕ СО НАВРЕДЛИВА СОДРЖИНА И ВУЛГАРНОСТИ ЌЕ БИДАТ ИЗБРИШАНИ А НИВНИТЕ АВТОРИ БЛОКИРАНИ
