Пред малку адвокатот Иван Левков полномошник на оштетените со цел да ја информира јавноста на својот ФБ профич објави: Со негово одобрување статусот го објавуваме во целост.
Почитувани граѓани,
Ве известувам дека со огромно разочарување ја примив Пресудата на Основниот суд во Кочани К.бр.101/23 од 23.02.2026 година со која се ОДБИВА обвинението против компанијата „Пејпар Мил“ ДОО и нејзиниот управител за кривичното дело „Загадување на животната средина и природата“.
Причините за донесување на одлуката е дека за истите дејствија за кои се обвинуваат обвинетите , веќе е водена прекршочна постапка која завршила со спогодба и платена глоба.
Потсетувам дека од 2020 година како полномошник на оштетените граѓани на Кочани и Здружението Грин Орг водам правна битка против загадувачот кој со години го труеше Кочани со јаглерод моноксид, испуштајќи дури 1478,6 mg/m³, што е двојно повеќе од дозволеното.
На ден 03.07.2020 година беше поднесена кривичната пријава против загадувачот.На ден 29.07.2021 година ОЈО Кочани донесе Наредба за запирање на истражната постапка со образложение дека настапиле околности кои го исклучуваат кривичното гонење во 2021 година .Од моја страна беше поднесен приговор кој беше усвоен од Вишиот јавен обвинител во Штип кој ја УКИНА наредбата, утврдувајќи дека не станува збор за пресудена работа бидејќи прекршочната постапка не е мериторно завршена со судска одлука, туку со спогодба.ОЈО Кочани на ден 21.07.2022 година поднесе Обвинителен акт Ко.бр.372/2020 до Основенсуд Кочани.Основниот суд во Кочани постапувајки по обвинението закажа и одржа повеќе од 10 главни расправа за на крај да донесе одбивателна одлука против која жалба можат да изјават Јавниот обвинител и бранителот на обвинетите во рок од 15 дена.
Од моја страна уште денес до Основното јавно обвинителство Кочани е поднесена Иницијатива за поднесување на жалба против ваквата одлука до Апелациониот суд во Штип.
Со иницијатицата бараме Обвинителството да поднесе жалба против ваквата одлука.
Ќе инсистираме на јавна седница на која ќе се разгледува жалбата пред Апелациониот суд, во присуство на граѓани и медиуми.
Загадувањето со години на Кочани мора да има последици за виновните.
Правдата за Кочани не смее да застане !
Заедно продолжуваме понатаму!

Адв. Иван Лефков
полномошник на оштетените
КОМЕНТАРИТЕ СО НАВРЕДЛИВА СОДРЖИНА И ВУЛГАРНОСТИ ЌЕ БИДАТ ИЗБРИШАНИ А НИВНИТЕ АВТОРИ БЛОКИРАНИ
