Општинската организација на СДСМ во Кочани ја информира јавноста дека преку своите советници во Советот на Општина Кочани континуирано укажува на потребата од доследно почитување на законите и позитивните прописи. Во изминатиот период, конструктивно и аргументирано укажувавме на јасната неспоивост на функциите кај две лица, од кои едното подоцна поднесе оставка. За жал, за вториот случај и по цели шест месеци одолговлекување, сè уште немаше навремена и принципиелна разрешница.
Од вчерашниот прес на градоначалникот и претседателот на Советот, јавноста можеше да види дека ветениот проект за професионален театар во Кочани, наместо во Домот на културата „Бели Мугри“, се пресели во рамките на локалната самоуправа – без конкретни рокови, без јасен план и без отчетност. Наместо одговори, добивме уште еден обид за замајување на јавноста.
Шест месеци сведочиме на практиката „две функции – едно лице“, што е спротивно на закон. Уште поразително е што самиот директор јавно призна дека сторил прекршок. Пораката што се испраќа е дека законите важат селективно, а институциите затајуваат. Дополнителни изговори, како интегрална евалуација, тековни проекти или училишни активности, се користеа како алиби за непочитување на законските обврски. Ова само покажува неспремност на одговорните да постапуваат согласно закон, туку да купуваат време.
Дури и по шест месеци, Училишниот одбор бара „дополнително време“ – апсурд кој ја поткопува довербата во системот. Во меѓувреме, наместо јасна одлука, слушавме за преписки со институции и барања за „автентично толкување“, иако правната состојба е повеќе од јасна. Локалната самоуправа располага со стручни служби кои тоа одамна требаше да го разјаснат. Иронично, по јавниот притисок, вчера попладне следеше експресна оставка на директорот на ООУ „Никола Карев“.
Се поставува прашањето – зошто сега? Кој ќе ги заврши започнатите обврски и проекти кои беа наведувани како причина за одолговлекување? Очигледно, изборот беше помеѓу функцијата советник и директор. Оставаме граѓаните сами да проценат во чиј интерес се носеа одлуките досега и какви приоритети преовладаа при оваа оставка.
Додека изостануваат реални инвестиции и видливи резултати на терен од страна на ВМРО-ДПМНЕ, граѓаните на Кочани барем еден ден беа сведоци на политички „перформанс“. За жал, тоа не е развој, туку замена за вистинска работа. СДСМ останува доследен на принципите на законитост, транспарентност и одговорност. Ќе продолжиме гласно да укажуваме на сите неправилности и да се бориме за институции кои функционираат во интерес на граѓаните.
ОО СДСМ Кочани
КОМЕНТАРИТЕ СО НАВРЕДЛИВА СОДРЖИНА И ВУЛГАРНОСТИ ЌЕ БИДАТ ИЗБРИШАНИ А НИВНИТЕ АВТОРИ БЛОКИРАНИ
