ДОДЕЛЕНИ ПРИЗНАНИЈАТА НА „ДАФ 2022“ ГРАН ПРИ НАГРАДАТА „ВАСИЛ ЌОРТОШЕВ“ ЗА ПРЕТСТАВАТА „НИШТО НЕ Е СТРАШНО“

мај 30, 2022
1 минути
  1. Најдобра женска епизодна улога се доделува на Ангела Атанасовска од претставата „Тирамису“ на Интимен театар, Битола. Ангела покажа стабилна сценска изведба и точна емоција во градењето на ликот. Најдобра епизодна женска улога се доделува и на Неда Глигиќ од претставата „Раѓање“ на АП „Бранислав Нушиќ“, Шид. Неда ги придоби симпатиите на публиката и жирито со својата експресивност, природност и сериозната посветеност при градењето на својот лик.
  2. Најдобра машка епизодна улога се доделува на Огнен Велевски од претставата „Самоубиство во самоодбрана“ на Алтернативен театар „Отпишани“, Скопје. Огнен Велевски толкуваше повеќе споредни улоги кои беа точно издефинирани и прецизно изведени.
  3. Најдобра женска главна улога се доделува на Зорица Митева од претставата „Тој и Таа“, на Театарска група „Годо“, Кочани. Зорица Митева плени со својата сценска појава, актерски израз и зрелост. Нејзината креација на ликот Таа е комплетна и повеќеслојна и тоа ја прави достојна за носител на оваа награда.

  1. Најдобра машка главна улога „Никола Димитров” се доделува на Никола Димевски од претставата „Гласови“ на театар „Чекори“, Скопје. Никола беше конкретен, точен и лесно разбирлив во толкувањето на ликот.
  2. Најдобра режија „Борис Стојчев“ се доделува на Цветин Аничиќ за режија на претставата „Раѓање“ на АП „Бранислав Нушиќ“, Шид. Режисерот Аничиќ успеал да создаде прекрасна кохезија прикажувајќи ги балканските стереотипи и лесно да раскаже комплексна приказна во која носителите се прекрасните женски ликови.
  3. Награда за истражување нови сценски изразни средства и експеримент во аматерскиот театар се доделува на претставата „ Ништо не е страшно“ на „Театар Пи“, Скопје. Оваа претстава нѐ изненади, заинтересира и нѐ остави без здив. Понуди нови сценски решенија и експерименти кои беа лесно приемчиви за сите.
  4. Специјална награда за најдобра претстава во категоријата театар за деца и младинци.  се доделува на претставата „Приказна за волшебната шума“, во изведба на Домот на култура „Иван Мазов-Климе“, Кавадарци. Приказната за волшебната шума која е компилација од делата на браќата Грим, нѐ вивна во светот на имагинацијата и детската невиност, нудејќи и поучни елементи.

  1. ГРАН ПРИ „Васил Ќортошев“ се доделува на претставата „Ништо не ѐ страшно“ на Центарот за изведувачки уметности и едукација „Театар Пи“ од Скопје. Белегот којшто оваа претстава ни го остави по нејзината изведба е длабоко втиснат во сите нас. Не само во нас како комисија, туку и до секој еден посетител на истата што веднаш се забележа по изразот на нивните лица.

28 Мај 2022 год.​​​​

Кочани​​​​​

Жири на ДАФ-Кочани 2022

1.Дритон Вејсели, 2. Владимир Тулиев, 3. Марина Поп Панкова

Благодарност до Гласно.мк за фотографиите