Втората Фудбалска Лига наместо минатиот викенд се одложи за оваа сабота. Изговорот беше дека се поместува за седмица подоцна бидејќи само 5 од 16 клубови ја уплатиле на време котизацијата. Е сега дали тоа е причината или недостатокот на судии е приказна која ја знаат само одговорните во ФФМ.
Да се потсетиме јавно беше кажано дека само пет клубови ја платиле котизацијата и дека затоа првото коло се одложува а натпреварувањето ќе стартува со натпреварите од второто коло.
Тоа беше соопштението од ФФМ, меѓутоа добрите познавачи на фудбалските прилики како главна причина за одложувањето на стартот на првенството го ставаат недостатокот на судии бидејќи на последното тестирање одржано во Кичево точно 90 судии кои физичкиот кои писмениот тест не го положиле а кон таа плејада „повторувачи“ се надоврзуваат и 18 контролори кои не поминале на тестирањето.
Ако судискиот актив заземал став да имаме квалитетно судење тогаш не положувањето на тестовите од 90 судии покажува дека нивните критериуми се во ред но дека немаме спремни судии во моментот да одговорат на предизвикот наречен квалитетно судење.
Утре (Четврток) е делегирањето на судиите за првата и втората фудбалска лига. Време кое сите ќе го очекуваме за да дознаеме дали во сабота топката ќе тргне од центарот и на второлигашките терени или ќе се одложи и ова коло.
С. Ивановски