ЗАПОЧНА ПРОЕКТОТ „СПОРТ ЗА ЗДРАВИ НАВИКИ КАЈ МЛАДИТЕ ВО ОРИЗАРИ“

октомври 4, 2022
1 минути

Завчера, на Спортските терени во населбата Оризари, ЗГ „Среќни луѓе“ од Кочани, започна со реализација на Проектот „Спорт за здрави навики кај младите во Оризари“. Проектот се спроведува како дел од „Регионалната програма за локална демократија во Западен Балкан 2 (ReLOaD2)“, финансирана од Европската унија, а спроведувана од Програмата за развој н Обединетите нации (УНДП). Кофинансиран од Општина Кочани.

Градоначалникот на Општина Кочани, Љупчо Папазов, кој зеде учество на почетните активности на Проектот, е дециден дека Општината целосно ги поддржува ваквите иницијативи, посебно кога се работи за млади.

„Користа од вакви и слични проекти е повеќекратна, бидејќи преку стекнувањето навики за спортување, младите уште во рана возраст осознаваат за своето здравје и како да се грижат за него. Анимирањето на родителите е уште една придобивка во таа насока и јас како градоначалник можам само да ветам дека секогаш ќе стоиме како поддршка за секоја ваква и слична активност. Истовремено, благодарни сме им на ЕУ, УНДП, РеЛОаД2, и на здруженијата на граѓани што се впуштаат во вакви значајни активности“ изјави Љупчо Папазов.

Со проектот е планиран опфат на вкупно 34 учесници, односно 17 девојчиња и 17 момчиња, чии активности ќе се реализираат во период од шест месеци, на спортските терени во Оризари. Целта е на конкретен начин да се покаже значењето на спортот за правилниот развој на младите генерации и стекнување навики да спортуваат.

Спортските активности ќе влијаат за подобрување на психофизичките способности кај младите, ќе им го поттикне натпреварувачкиот дух да осознаат дека можат повеќе и подобро. Тоа ќе го постигнат преку атлетски дисциплини, трчање, скок во далечина, игра со топка. За да го остварат сето тоа, потребни се спортски терени и објекти, кои откако биле запуштени, со реновирање, се ставаат во функција.

„Ништо не е поубаво од кога ги гледате овие младите како му се радуваат на спортот и како уживаат во активностите. Медицината одамна утврдила колку се важни спортските активности за правилен развој на децата и затоа ние сме тука да ги посоветуваме, поддржиме и насочиме на правилен пат. Ќе го следиме нивниот напредок, изјави Д-р Драган Тодосов.

Очекувани резултати од Проектот се: децата да се оттргнат од зависноста од компјутерите и мобилните телефони Потоа, да се подобри нивната кондициона подготвеност, брзина и издржливост. Да го јакнат колективниот дух преку тимските игри со топка.

„Прво што постигнуваме, е оттргнување на нашите деца од телевизорите, компјутерите и мобилните телефони, вели мајката Рената Петровска. Второ, спортот ќе им овозможи правилно да се развиваат, да се дружат и да се социјализираат во општеството.

Со својата детска фантазија и доживувања на спортските терени да мотивираат и други деца да се вклучат во спортските активности во своите средини. Мене ми е многу убаво кога сите сме облечени во спортска опрема и заедно вежбаме и спортуваме како што ни кажува тренерот. Сакам да доаѓам, затоа што тука е навистина интересно и преубаво“, вели Теодора Захариева.

Следните чекори се во насока на проширување на опфатот на деца во проектот и конечно, преку истиот да се постигне јакнење на свеста кај младите и нивните родители за значењето на спортот во сите негови дисциплини.