АПЕЛ: ИСЧИСТЕТЕ ЈА РЕКАТА И СПАСЕТЕ НЕ ОД ЗМИИТЕ

мај 31, 2022
0 минути

Речното корито обраснато со висока трева, кејот на реката од двете страни исто така со висока трева а жителите што живеат на потегот од „Железнички мост“ кон базенот живеат во страв од наездата на змиите кои влегуваат во нивните дворови па и домови.

„И ние сме дел од жителите кои редовно си ги плаќаат давачките на општината. И ние сме дел од жителите кои го полниме буџетот на општината. Но како сепак да сме подзаборавени. Само што фатија топлите денови се соочуваме со еден проблем а тоа се змиите. Погледнете ја реката колку висока трева има а и околу речното корито е иста состојбата. Тоа е шанса на змиите кои влегуваат во дворовите а како што ни кажа еден комшија за малку ќе влегла змија и во неговиот дом. Не само децата туку сите сме преплашени. Почетокот е на летната сезона, змии има многу а како ли ќе биде во следните месеци не можеме да замислиме“ беше коментарот на еден од жителите на улицата „Лазар Андонов“.

Како што ни појаснија помош побарале од надлежните во Водовод но од таму до денес немало никаква реакција.

Апелираат за помош, ги молат надлежните да дојдат и да го средат коритото на реката бидејќи како што истакнаа градот не е од судот до плоштадот, градот е од кај базенот па се до Бавчалук.

Искрено се надеваме дека нивниот апел ќе дојде до оние кои треба да го уредат коритото на реката и двата кеја од „Железнички мост“ па надолу, дека ќе дојдат ќе ја исчистат и отстранат високата трева, и колку толку ќе им помогнат на овие луѓе ако ништо друго барем да не живеат во страв од змиите кои како што пренесуваат поголемиот број на граѓани се повеќе и повеќе се појавуваат.

С. Ивановски