По една година пауза некогашниот шампион и двоен освојувач на женскиот фудбалски куп на Македонија, ЖФК „Кочани“ повторно се врати во прволигашкото друштво.
Настапот во второлигашкото друштво траеше само една сезона, но благодарение на одличната систематска работа на тренерот Оливер Јовановски, Кочани од наредното првенство ќе има уште еден прволигаш.
„Испаѓањето од Првата женска фудбалска лига не нé обесхрабри, напротив направивме една добра селекција со млади играчи преди се од нашата општина во чии квалитети верувавме. Девојчињата напорно работеа преку целата сезона,веруваа во своите можности и на крајот тоа им се исплатеше се вративме онаму каде и што ни е местото“ истакна Оливер Јовановски творецот на ЖФК „Кочани“.
Ако знаеме дека кочанчанки една година беа шампиони а две години по ред и освојувачи на купот но со голема помош на квалитетен играчки кадар радува размислувањето на челните луѓе на клубот дека и годинава ќе се атакува на висок пласман.
„Реално гледано овој квалитет е добар за натпреварите во втората лига каде само со бод заостанување завршивме зад првакот Кул. Девојчињата имаат голем потенцијал но евидентно е дека за натпревари во повисок ранг ќе им недостасува искуство. Решени сме да во новото првенство ангажираме неколку играчи од странство кои со својот настап не само што ќе го подигнат нивото на играта туку и младите кадри ќе стекнуваат искуство настапувајќи покрај нив“ заклучи Јовановски.
Која ќе биде конечната цел во новото првенство за „жетварките“ ќе дознавме веднаш по завршување на преодниот рок, а дотогаш нека одморат сите кои изминатото првенство играа и успеаја клубот да го вратат во прволигашкото друштво.
С. Ивановски