Повозрасните Кочанчани сигурно се сеќаваат на изгледот на Спортско рекреативниот центар „Бавчалук“, една од најпосетените и најомилените нивни дестинации особено во летниот период за време на големите горештини.
Базенот, бетонираната платформа на која се играа некои спортови и природата околу него со столетната „дива топола“ што повеќе не постои беше она на што се сеќаваат повозрасните генерации.
Многумина овде се научија да пливаат, многумина овде се научија да играат фудбал, многумина овде научија дека забавата е дел од животот.
Но, во самостојна Македонија дојдоа „некои нови деца“ и полелека но сигурно сета таа убавина почна да исчезнува.
Во почетокот на 2003 година се направи обид да му се врати духот на СРЦ „Бавчалук“, и тоа што тогаш се направи и сега стои но не како што беше замислено.
„Бавчалук“ денес изгледа речиси очајно. Искината ограда со импровизирани крпеници, висока некосена трева која е лежиште на змии и други опасности, искршени корпи за отпадоци, оштетени клупи, сето тоа е дел од денешното секојдневие.
А за да му се врати имиџот на „Бавчалук“ потребна е желба и не кој знае колку голема инвестиција.
Јавно ги повикуваме надлежните под чии ингеренции е „Бавчалук“ да помогнат, да го уредат и да го одржуваат овој простор бидејќи уреден ќе го користиме сите, и малите, и младите и возрасните.
Да му се врати имиџот на „Бавчалук“, барем толку сме заслужиле.
С. Ивановски