Можат да се сменат колку и да сакат постави во ФФМ, но навиките не се искоренуваат бидејќи ново-старите делегати по навика си тераат по свое, толку се пасивни што ништо речиси не ги интересира кога е во прашање тонењето на Македонскиот фудбал.
Таман малку кај некои се роди надеж дека со новото раководство и новиот Управен Одбор ќе тргнат работите на подобро, кога не само што тие тргнаа по патеките по кои одеа нивните претходници туку многумина и скршнаа од тие патеки, па Македонскиот фудбал како што стојат работите сега виси над голем и длабок амбис.
Вчера се случи Скопје, во неделата се случија Кавадарци, Струга, Гостивар, претходно Тетово а во 18,20 и 22 коло на Втората Фудбалска лига се случуваше Кочани и сето тоа на натпреварите од пролетниот дел на првенството. За кратко време премногу грешки направија судиите, е сега дали тие грешки се намерни или се од незнаење на фудбалските правила ќе треба некој тоа да го утврди.
Ни најавуваат дека од следната година ќе се вклучил ВАР системот, но се поставува прашање кои судии ќе биде задолжени за во ВАР собите кога се знае дека кај нас во Македонскиот фудбал квалитетните судии може да се избројат одвај на прстите од двете раце. Уште не поставен ВАР системот е веќе осуден на пропаѓање.
И така судиите ќе си тераат по свое, нема да бидат казнувани на подолг период, на некои ќе им се гледа „низ прсти“ а за сето време тоа ќе го трпат клубовите кои се само учесници во овие натпреварувања наречени Македонски фудбалски циркус.
Во време кога финансиите многу тешко се обезбедуваат а ароганцијата на делителите на правдата е сé поприсутна постои страв дека сето тоа може да излезе од колосек, па не сакаме ниту да помислиме како би реагирале навивачките групи доколку се прелие чашата. Но да ги оставиме оние од Судиската организација да си ги средат работите, па нели затоа и се платени.
Но да бидеме реални, не е тоа така само од оваа година од оваа пролетна сезона, така е со години наназад. Каков напредок сакаме кога едни исти деликти во ФФМ фатија корени, станаа незаменливи иако поголемиот број од нив за волја на вистината доаѓаат од сомнителни општински фудбалски сојузи, затоа и се вртиме во круг.
До кога така? Се додека Македонскиот фудбал не падне во длабокиот амбис, а од таму враќање ТЕШКО.
С. Ивановски
КОМЕНТАРИТЕ СО НАВРЕДЛИВА СОДРЖИНА И ВУЛГАРНОСТИ ЌЕ БИДАТ ИЗБРИШАНИ