Даријан Павлев како единствен претставник на БК „Спартак“ од Кочани од 04-06 Април учествуваше на Меѓународниот турнир во борење „Злати Динев“ кој се одржа во Галабово (Република Бугарија). На турнирот зедоа учество повеќе од сто борачи од Македонија, Бугарија, Турција и Украина.
Даријан Павлев настапи во категоријата до 68 килограми во која ги забележа сите четири победи не дозволувајќи им на противниците да му земат ниту еден поен.
Токму ваквиот импресивен настап беше причината на крајот од турнирот даријан Павлев од организаторите на турнирот да биде прогласен за најдобар странски борач.
„Пресреќен сум на ова признание кое ми го додели организаторот на турнирот. Навистина имав одличен настап, во сите борби влегував со голема концентрација па затоа и не дозволив противниците да ми освојат ниту еден поен. Овој златен медал и доделениот трофеј ги посветувам на сите починати и повредените кои настрадаа во големиот пожар во дискотеката Пулс во Кочани. Ја користам приликата да упатам голема благодарност и до БК Балканец од Штип како и и тренерот Мики Тодоров кој ми овозможи да отпатувам на овој турнир со нивната екипа“ беше изјавата на Павлев.
Од БК „Спартак“ изразија големо задоволство од успехот на нивниот претставник Павлев но и испратија порака до Претседателот на клубот Зоран Сребренов дека овој успех е и негово дело и дека тие како клуб и понатака стојат зад него и се надеваат дека правдата ќе победи и дека тој набргу ќе им се приклучи на клупските обврски.
С. Ивановски
КОМЕНТАРИТЕ СО НАВРЕДЛИВА СОДРЖИНА И ВУЛГАРНОСТИ ЌЕ БИДАТ ИЗБРИШАНИ