По повод Петровден, во Градскиот парк во Кочани започнаа детските „Игри без граници“. За учество во водните лудории се пријавени 130 деца на возраст од 5 до 12 години.

Настанот кој првпат е внесен во програмата за одбележување на Петровден го отвори градоначалникот на Општина Кочани Владко Грозданов.

– Кога децата играат, тие не го трошат времето – тие го градат својот карактер, своите вештини и својата иднина. Токму затоа, како локална самоуправа, особено ни е важно да создаваме содржини што ќе ги поттикнуваат децата да се дружат, да се движат, да спортуваат, да се натпреваруваат. Детството, тој толку важен период од животот, заслужува што повеќе вакви моменти исполнети со игра и убави спомени. Денес не е најважно кој ќе победи. Најважно е да се забавувате, да стекнете нови другарчиња и да покажете тимски дух, фер-игра и насмевка. Ви посакувам прекрасна забава, многу радост и спомени што долго ќе ги паметите – им посака градоначалникот на учесниците.

Денеска се натпреваруваа најмладите, од 5 до 8 години – 62 учесника во шест игри од кои пет екипни и една индивидуална, забавна.
В недела ќе настапуваат шеесетина учесници на возраст од 9 до 12 години.

Креаторот на настанот, Николче Колев, наставник по физичко и познат спортист од Кочани очекува содржините физички да ги активираат децата, да донесат убава дружба и забава кај учесниците.
Настанот се организира со финансиска поддршка од Општина Кочани.

Општина Кочани
КОМЕНТАРИТЕ СО НАВРЕДЛИВА СОДРЖИНА И ВУЛГАРНОСТИ ЌЕ БИДАТ ИЗБРИШАНИ А НИВНИТЕ АВТОРИ БЛОКИРАНИ
