ДЕФЕКТИТЕ ОТСТРАНЕТИ, УЛИЦИТЕ РАСКОПАНИ

февруари 16, 2023
0 минути

Дел од граѓаните на Кочани и од учесниците во сообраќајот деновиве добивме неколку дојави за раскопаните улици во централното градско подрачје.

„Има ли некој во општината што ќе се заземе да се реши ова или ќе се остави времето да го поправи “? вака гласеше пораката од наш сограѓанин кој денес нашол доволно време, на свој трошок направил обиколка низ градот и ги сликал раскопаните улици во централното градско подрачје.

Едната фотографија е од пред „Шопинг центарот“ каде пред повеќе од една седмица почна ископувањето на асфалтот се со цел да се отстрани дефектот. Од тогаш поминаа девет дена, дефектот е отстранет, отворот е затрупан со песок, не е покриен со асфалт, туку е оставен учесниците во сообраќајот да возат „слалом“ за да го заобиколат оштетениот дел од улицата за да се вклучат во сообраќајот.

Другата фотографија е направена кај „Поштата“, и таму како и пред „Шопинг центарот“ по отстранувањето на дефектот фрлено е некоја лопата песок, и оставено е некој друг да дојде од страна и да фрли асфалт за да може улицата несметано да ја користат учесниците во сообраќајот.

Третата фотографија е направена на улицата „Димитар Влахов“ во непосредна близина на обложувалницата „Моцарт“ каде улицата е прекопана, покриена е со земја и оставена е возачите да кочат и пополека да ја поминат без да си ги оштетат возилата. Е сега дали ова е направено да не се вози пребрзо не се знае но ова е некој нов изум доколку е така.

Шегата на страна, од името на населението и на учесниците во сообраќајот апелираме до надлежните час поскоро овие недостатоци да се отстранат. Кој копал и зошто, тој знае, но не се знае кој треба да фрли неколку лопати асфалт за да сé биде како и пред да биде ископано.

С.  Ивановски