Почитувани медиуми и граѓани,
Во партиското соопштение од група советници на ВМРО-ДПМНЕ беа изнесени низа лаги и невистини во обид да ме деградираат мене како личност, а истовремено е покажано елементарно непознавање на процедурите кон коишто истите се повикуваат.
Договорите за осигурување на имот на КЈП Водовод – Кочани коишто се именувани како штетни и непотребен трошок, всушност претставуваат законска обврска која КЈП Водовод – Кочани преку тендерска постапка односно согласно Законот за јавни набавки мора да ја спроведе.
Непочитувањето на оваа законска обврска претставува кривична одговорност на раководното лице на правното лице на КЈП Водовод – Кочани. Поедноставно кажано, доколку претпријатието е без осигурително покритие, сите настанати штети во периодот без осигурување паѓаат на товар на претпријатието што претставува недомаќинско и неодговорно работење со кое финансиски се оштетува претпријатието.
Изнесеното дека се направени непродуктивни расходи за провизии на осигурителни брокерски друштва е целосна невистина. Најодговорно тврдам дека КЈП Водовод – Кочани за време на мојот четиригодишен мандат има исплатено 0 денари по основ брокерски услуги.
Постојат видливи докази за моето посветено и одговорно работење во согласност со сите законски прописи. За време на мојот четиригодишен мандат, беа имплементирани низа вложувања во претпријатието со цел општествено добро. Изведба на рекордна километража на водоводни и канализациони линии, подновување на возниот парк со нови 16 возила, набавка и поставување на подземни контејнери, изработка и пуштање во функција на нов бунар за вода за пиење, намалување на обврските на претпријатието за над 20%, инсталирана и пуштена во употреба фотоволтаична централа, како и многу други активности за општествено добро.
Доволно е само да погледнете наоколу каква е ситуацијата со хигиената и зеленилото во градот за да сфатите како НЕ ТРЕБА да се работи.
Ова мое известување е со цел да и укажам да јавноста дека имам работено чесно, посветено и одговорно. При следно изнесување на било какви лаги, невистини и клевети во врска со моето работење, ќе бидам приморан да преземам соодветни правни дејствија кон сите инволвирани лица.
Со почит,
Андреј Киров