Во организација на Општинскиот фудбалски сојуз – Кочани, а под покровителство на Општина Кочани, свечено беа доделени признанијата за најуспешните спортисти, екипи и спортски работници за 2025 година.

За спортист на Кочани е прогласен Даријан Павлев од БК „Спартак“, кому градоначалникот Владко Грозданов му врачи статуетка и ваучер во износ од 10.000 денари. Меѓу најдобрите тројца се најдоа и каратистите Филип Стојанов од КК „Партизан“ и Наталија Карова од КК „Кочани“.

За најуспешен тим за 2025 година е избран ЖФК „Кочани“. Признанието го примија фудбалерките заедно со тренерот Оливер Јовановски, кој пак ја доби и наградата за спортски работник на годината, за неговиот придонес во раководењето со Сојузот на училишни спортови и за афирмација на спортот на локално и државно ниво.
Наградата за најдобар тренер за 2025 година му припадна на Игор Каров од Карате клубот „Кочани“.

Признанија за постигнати резултати им беа доделени и на 29 млади надежни спортисти, како поттик за нивниот понатамошен развој и спортски напредок.
Со посебна почит беа врачени и постхумни награди за фудбалерот Андреј Лазаров и кошаркарот Петар Ивановски, како и за членовите на навивачката група „сејмени“ – Томас Златков и Александар Стојанов, кои ги загубија животите во трагичниот пожар во Кочани во март минатата година.

Годинава, средствата во износ од 30.000 денари, традиционално наменети за коктел по повод манифестацијата „Избор на спортист на Кочани“, беа донирани на Здружението на граѓани „16 март 2025 г. Кочани“, како поддршка во изградбата на спомен-обележјето „Патека на бесконечноста“.

Свеченоста беше збогатена со настапи на мали фолклорни состави од ФА „Љупчо Сантов“ од Оризари и ученици од ОМУ „Ристо Јуруков“, кои изучуваат традициски инструменти под менторство на наставникот Виктор Постолов.

Општина Кочани
КОМЕНТАРИТЕ СО НАВРЕДЛИВА СОДРЖИНА И ВУЛГАРНОСТИ ЌЕ БИДАТ ИЗБРИШАНИ А НИВНИТЕ АВТОРИ БЛОКИРАНИ
