Освоениот бод за „Осогово“ на жешкиот терен во Штип минатото коло ги подгреа надежите кај играчите и кај навивачите на кочанскиот второлигаш, но требаше да поминат само три дена па „Осогово“ да им се врати на старите навики.
Денес на стадионот „Никола Мантов“ во Кочани „Осогово“ загуби од „Детонит Плачковица“ со 1:3 (1:1). Иако домаќините први дојдоа до водство сепак се покажа дека и понатака рак-рана на „жетварите“ е играта во одбраната. Премногу грешеа одбранбените играчи на домашната екипа а мудрите гости знаеја тоа да го казнат.
Кога се ќе се собере и погледне снимката од натпреварот веднаш во очи паѓа дека најдобри поединци екипите ги имаа во голманите. Горѓи Јованоски прими три погодока но одбрани три зицера, додека гостинскиот голман Димитар Ѓоргиев освен одбранетиот пенал имаше и две чудни интервенции во второто полувреме кога на волшебен начин ја сочува својата мрежа.
Натпреварот започна со напади на домаќините кои вродија со плод уште во 4’. Фикрет Ливарека по двојното додавање излезе сам пред противничкиот голман и со удар по земја ја спроведе топката во мрежата. Но по примениот погодок гостите ја презедоа играта во свои раце и почнаа да атакуваат кон голот на домаќините. Во 22 минута колосална шанса за израмнување имаше Рушити кој иако беше сам не ја заниша домашната мрежа поради одличната интервенција на Јованоски. Израмнувањето стигна во 34’. Беше досуден слободен удар за гостите, Настевски одлично нафрли во срцето на шеснаесетникот каде највисок беше Христов и со удар со глава ја упати топката покрај десниот дирек во мрежата на Јованоски. Во 40’ пенал за домаќините, но ударот на Манов гостинскиот голман Ѓоргиев го одбрани, на одбиената топка натрча Симоски кој биеше ниско по земја но и овој пат гостинскиот голман со одлична интервенција ја исфрли топката во корнер.
Второто полувреме гостите го започнаа поповлечено оставајќи ги играчите на „Осогово“ да напаѓаат и што повеќе да остават слободен простор за контра напади. Во 56’ капитенот на гостите Настевски им избега на домашните одбранбени играчи а кога забележа дека Јованоски го напушти својот гол со прекрасен лоб удар донесе радост на клупата кај радовишани.
И тогаш „Осогово“ немаше што да чека, домашните играчи организираа неколку убави напади но гостинскиот голман беше препреката што не можеше да се помине. Во 58’ го скроти прекрасниот волеј удар на Ливарека а три минути подоцна со прекрасна интервенција ја исфрли топката од самата гол линија притоа удирајќи со телото во левиот дирек. По овие фуриозни 7-8 минути домашните играчи паднаа, гостите изведоа два опасни контра напади но нивните играчи иако беа сами пред Јованоски тој со бравурозни интервенции ги остави во надеж домаќините да дојдат барем до бод. Но желбата домаќините да останат непоразени беше урнисана во 84’ кога оправдано досудениот пенал за „Детонит Плачковица“ Трајкоски го претвори во погодок.
Се на се интересен натпревар кој имаше неколку клучни моменти за конечниот резултат, но победата на гостите е заслужена.
Резултати од 04. коло:
Осогово – Детонит Плачковица 1:3
Вардар (Н) – Охрид 0:1
Башкими – Беласица 1:1
Победа – Аресими 1:2
Новаци – Македонија ГП 0:0
Каменица Саса – Борец 2:0
Вардарски – Брегалница 1:2
Скопје – Кожуф 1:1
С. Ивановски
КОМЕНТАРИТЕ СО НАВРЕДЛИВА СОДРЖИНА И ВУЛГАРНОСТИ ЌЕ БИДАТ ИЗБРИШАНИ