Во присуство на голем број гости, во просториите на компанијата „Макпрогрес“ од Виница беа доделени сертификатите на Првата генерација посетители на Академијата за извршни директори „Прогресив“ од Виница ги добија сертификатите по успешно завршената обука што се реализираше во изминатите осум месеци.
На свеченоста беше нагласено дека во практика се остварува идејата да се оформи центар за обука во овој регион од државата што ќе прерасне во предводник за едукативен развој и унапредување на менаџерските вештини. Потврда за тоа е што „Прогресив“ стана првата верифицирана академија за извршни директори кај нас и што вкупно 16 посетители од првата генерација се стекнаа со признати сертификати.
„Она што пред една година го замисливме и го очекувавме, навистина и го остваривме, па дури и го надминавме. Кај сите посетители кои ја завршија обуката има големи промени во размислувањето, во стекнатите вештини и ставови, како и во начинот на сопствено претставување. Со стекнатото искуство и знаења тие ќе бидат поуспешни во работењето и воопшто во животот. Наша цел е во иднина да обучиме што повеќе менаџери кои се потребни на нашето стопанство, за да можат да одговорат на непредвидливите економски текови во државата и пошироко“, истакна Глигор Цветанов, претседател на Управниот одбор на Фондацијата „Прогресив Академија“ и генерален директор на компанијата „Макпрогрес од Виница.
Академијата „Прогресив“ беше основана пред една година заедно со Центарот за развој „Винчини“ од страна на компанијата „Макпрогрес“ од Виница, во соработка со консултантската компанија Prime Point Partners, а со поддршка на Европската банка за обнова и развој и јапонски донаторски фондови.
С. Ивановски