Во пресрет на викендот беа донесени првите подземни контејнери, кои според најавите ќе бидат поставени на пет локации во централното градско подрачје. Засега четирите локации се околу Градскиот Трговски Центар а петтата е зад објектот пошта. Целта на овој проект е на самиот почеток да се започне со селектирањето на отпадните материјали кај станбените објекти за колективно домување.
Секој подземен контејнер ќе биде поставен на платформа и под површината ќе содржи четири единици, од кои две за комунален отпад и по една за хартија и за пластика. На тој начин ќе се избегне непријатната миризба, расфрлањето на отпадот, поместувањето и оштетувањето на контејнерите. Од друга страна, ќе се оневозможи фрлањето градежен шут, отпад од големи пакувања и друг кабаст материјал. Подземното складирање на отпадот е модел со кој се создава почиста и поздрава средина.
Празнењето на подземните контејнери ќе се врши со истите транспортни средства на КЈП „Водовод“, на кои ќе биде вградена хидраулична инсталација.
Се очекува овој проект да се прошири и на целото градско подрачје се со цел подобрување на човековата околина.
С. Ивановски