ЕФИКАСЕН СТАРТ ВО ТРЕТА ФУДБАЛСКА ЛИГА – ИСТОК

Во Спорт
септември 11, 2022
1 минути

Со одигрувањето на шест натпревари, денес и официјално започнаа натпреварите во Трета Фудбалска Лига – Исток.  Постигнати се 28 голови што секако претставува убава увертира во едно ефикасно првенство.

„Осогово“ по испаѓањето од Втората лига најде начин како да направи состав кој повеќе од сигурно е дека ќе атакува на првото место. „Жетварите“ денес ја совладаа десеткуваната екипа на „Победа“ од Валандово со 6:0 (5:0). Гостите во Кочани допатуваа со тринаесет играчи што беше јасно дека ќе бидат лесен залак за „жолто-сините“. Манов (3), Цветанов (2) и Стоиловски беа стрелци на головите.

Дебитантот во лигата „Академија Чешиново-Облешево“ ја изненади екипата на „Брегалница“ од Делчево и сосема заслужено на крајот им се радуваа на првите три бода.

Највозбудливиот натпревар со седум постигнати голови се одигра во Свети Николе, каде подмладената екипа на „Овче Поле“ заслужено триумфираше.

„Рудар“ како домаќин и „Тиверија“ како гостин немаа проблеми со своите противници и лесно ги прокнижија првите три бода.

Изненадување приреди екипата на „Карбинци“ која како домаќин загуби од екипата на „Малеш“. Победата на екипата од Малешевијата е сосема заслужена.

Резултати од првото коло:

„Осогово“ – „Победа“ (В)  6:0

Ак. „Чешиново-Облешево“ – „Брегалница“ (Д)  2:1

„Овче Поле“ – „Спартмани“  4:3

„Рудар“ – „Дојранско езеро“  3:1

„Карбинци“ – „Малеш“  0:2

„Вардарски“ (Б) – “Тиверија“  1:5

С. Ивановски