Како и што беше најавено денес (Сабота) фудбалерите на „Осогово“ предводени од новиот Шеф на стручниот штаб Крсте Крстев и неговите соработници ги започнаа подготовките за пролетниот дел од првенството во Втора Фудбалска Лига.
Најпрвин во просториите на клубот беше одржана прес-конференција на која и официјално беше претставен новоименуваниот Претседател на „Осогово“ Ненад Ефтимов, шефот на Стручниот штаб Крсте Крстев и неговите помошници Љупчо Симоски и Јоже Јованов како и останатите членови кои го сочинуваат новиот Управен Одбор на клубот.
Поздравувајќи ги присутните новинари Ефтимов истакна дека примарна цел за новите членови на Управниот Одбор ќе биде стабилизација на клубот, доведување на неколку проверени играчи во овој преоден рок се со цел Кочани и следното првенство да има свој претставник во Втората лига.
Крсте Крстев го образложи планот на подготовките и истакна дека иако клубот на табелата е во незавидна положба и бодовното салдо е само осум бодови, тој е сепак оптимист и дека со квалитетно организирани подготовки и ангажман на квалитетни засилувања на крајот ќе се дојде до посакуваната цел, а тоа е обезбедување на опстанок во лигата. Подготовките ќе се одвиваат во Кочани каде најпрвин ќе се работи на физичка подготовка на играчите а потоа и одигрување на неколку подготвителни натпревари.
Договорени се 6 подготвителни натпревари, со Детонит Плачковица, Брегалница (Штип), Башкими (Куманово), две средби со Каменица Саса и т.н. генералка со Слога 1934 во Виница. Досега се донесени три нови играчи: Грегори Давков (Брегалница – Штип), Дамјан Стојковски (Вардар – Неготино) и Кристијан Костовски кој досега има настапувано во неколку прволигаши. Во завршна фаза се преговорите со уште двајца играчи кои до вторник треба да се изјаснат за нивните планови. Ростерот на екипата ќе биде зголемен и со ангажманот на млади играчи исклучиво од сопствениот младински погон.
За одбележување е дека на првата прозивка и на првиот одржан тренинг присуствуваа и десетина членови од навивачката група „Сејмени“.
С. Ивановски
КОМЕНТАРИТЕ СО НАВРЕДЛИВА СОДРЖИНА И ВУЛГАРНОСТИ ЌЕ БИДАТ ИЗБРИШАНИ