Лош старт на „Осогово“ на почетокот на првенството во Втора Фудбалска Лига. Жрепката сакаше како и во минатото првенство „Осогово“ да биде домаќин во првото коло. За жал сликата од минатогодишното првенство а и од летните подготовки и денес остана непроменета. Кочанчани играа колку да помине натпреварот бидејќи ниту имаа игра ниту имаа некаква шанса да го избегнат првиот овогодишен пораз. „Жолто-сините“ се поразени како домаќини од мошне добрата и борбена екипа на „Вардар“ од Неготино. Гостите некако како да повеќе ја посакуваа победата а кога ќе се анализира целиот натпревар меѓу сите добри гостински играчи сепак за класа отскокнуваше одличниот Давид Спасов. Ова младо момче како да имаше повеќе двојници па го имаше речиси на секој дел од теренот. Си поигруваше со домаќините како и кога ќе посакаше. За разлика од гостите „Осогово“ анемично ништо не покажа од фудбал, а и несфатливо е како во второто полувреме иако повеќе од половина час имаа играч повеќе не упатија ниту еден удар кон мошне сигурниот Славе Вргов.
Првата шанса ако така може да се нарече ја имаа домаќините во 4’ кога во една мешаница пред голот на гостите немаше играч од „жетварите“ што ќе ја затресе мрежата. Само две минути подоцна Неготинци поведоа. По нафрлената топка од слободен удар од десната страна домашната одбрана подзаспа а тоа го искористи најдобриот играч на теренот Давид Спасов и со удар од 12-13 метри го совлада немоќниот Ѓорѓи Јованоски.
Две минути по примениот гол домаќините можеа да го израмнат резултатот но капитенот Тоше Манов од само два метри биеше покрај голот.
Се играше 22’ кога малобројната публика го виде најдобриот потег на натпреварот кога се зборува за домашната екипа. Стојче Стојов прими една исфрлена топка на дваесетина метри од гостинскиот гол, ја смири на гради а потоа биеше од прва а топката заврши во самиот горен лев агол, интервенцијата на гостинскиот голман беше залудна.
Во второто полувреме домаќините повеќе се „влечеа“ по теренот одошто играа фудбал. За разлика од нив гостите продолжија онака како и во првото полувреме. Во 64’ беше досуден пенал за Неготинци а сигурен реализатор беше Живко Крстев кој патем по три минути од водечкиот гол за гостите заработи втор жолт картон и предвреме беше испратен во соблекувалната на „туширање“.
И со десет играчи гостите беа подобри, создадоа 2-3 прилики за гол но не ги искористија.
Резултати од првото коло:
Осогово – Вардар (Н) 1:2
Скопје – Вардарски 2:2
Кожуф – Каменица Саса 2:2
Детонит Плачковица – Новаци 2:4
Брегалница (Ш) – Победа (П) 2:1
Борец – Башкими (одложена)
Македонија ГП – Охрид 2:0
Аресими – Беласица 4:2
С. Ивановски
КОМЕНТАРИТЕ СО НАВРЕДЛИВА СОДРЖИНА И ВУЛГАРНОСТИ ЌЕ БИДАТ ИЗБРИШАНИ