Дваесет и четири шахисти одиграа седум кола по Швајцарски систем од по 10 минути на вториот по ред Меморијален шаховски турнир „Тодор Милосиев – Тошо“ кој Шаховски Клуб „Кочани“ го организираше во знак на сеќавање на некогашниот нивни натпреварувач а подоцна и Претседател Тодор Милосиев – Тошо.
Шахистите од различни генерации одиграа доста интересни и содржајни партии а најуспешен и воедно победник на турнирот во сениорска конкуренција стана Гоце Горгиев, кој за еден поен беше подобар од Александар Зашев и Благој Шуманов. Инаку Горгиев и минатата година беше победник на првиот турнир. До 10 години најуспешен беше Матеј Диванисов, додека во младинска конкуренција (до 20 години) титулата ја понесе Леон Стефанов.
Најуспешните од организаторот на турнирот добија пехари и шаховски комплети, додека од семејството на Милосиев на четворица најмлади учесници им беа врачени парични награди.
Наградите им ги врачи Марија Георгиева ќерка на Тодор Милосиев – Тошо.
Меморијален шаховски турнир „Тодор Милосиев – Тошо“ одлично го организираше шаховскиот Клуб „Кочани“ – Кочани, а покровител на истиот беше Општина Кочани.
С. Ивановски