ГОДИНЕШНИОТ „МАКЕДОНСКИ БИСЕР“ ЗА РЕЏЕП ХАЈДАРИ

јуни 29, 2024
1 min read

Во организација на Боречката Федерација на Македонија а со техничка организација на БК „Спартак“, денес во спортската сала на ООУ „Никола Карев“ во Кочани се одржа 48-то издание на Меѓународниот турнир во борење „Македонски бисер“.

На турнирот учествуваа 29 борачи од Македонија, Србија, Косово, Албанија, Бугарија и Еквадор. Штета што репрезентативците на Русија не допатуваа , а не се појавија ниту борачи од другите држави кои го најавија своето учество.

По завршувањето на борбите од кои повеќето беа мошне интересни следуваше прогласувањето на најуспешните.

Репрезентативецот на Македонија Реџеп Хајдари е освојувач на годинешниот 48-ми по ред „Македонски бисер“, најдобар домашен борач е Стефан Штерјов, додека за најдобар странски борач е прогласен Егзон Џони од Косово.

Турнирот со своето присуство го збогатија: Олимпискиот шампион Шабан Трстена, освојувачот на бронзен медал од олимпијадата Могамед Ибрагимов, Дејан Богданов актуелниот претседател на Боречката Федерација на Македонија, Министерот за спорт на Република Македонија Борко Ристовски,  Градоначалникот на Општина Кочани Љупчо Папазов и поранешниот Претседател на Боречката федерација на Македонија Ванчо Чифлиганец.

Домаќинот „Спартак“ одлично го организираше турнирот.

С.  Ивановски

КОМЕНТАРИТЕ  СО  НАВРЕДЛИВА  СОДРЖИНА  И  ВУЛГАРНОСТИ  ЌЕ  БИДАТ  ИЗБРИШАНИ