ГОДИШНО ОБРАЌАЊЕ НА ГРАДОНАЧАЛНИКОТ НА ОПШТИНА КОЧАНИ ВЛАДКО ГРОЗДАНОВ

декември 26, 2025
1 минути

На седмата, последна седница на Советот на Општина Кочани за оваа календарска година, градоначалникот Владко Грозданов  имаше годишно обраќање пред Советот и пред јавноста, во кое направи осврт кон сработеното во овој краток период од почетокот на мандатот и најави низа проекти на кои им претстои реализација.

„Посебно внимание посветивме на јавниот простор и на комуналната инфраструктура, затоа што степенот на јавна чистота е едновремен показател и за ангажманот на комуналните служби и за одговорноста на граѓаните. Реализиравме бројни акции за чистење на улици, тротоари и запуштени локации, со КЈП „Водовод“ решивме повеќедецениски занемарени проблеми со загуба на вода и отстранивме сериозни дефекти на водоводната мрежа. Од друга страна го нормализиравме снабдувањето со вода на средни и високи зони. Реализиравме низа инфраструктурни активности со кои директно го подобривме квалитетот на живот во градот и во населените места. Асфалтиравме и реконструиравме повеќе улици, меѓу кои и „Мите Стојчев“ во селото Тркање, бетониравме пристапни патеки во Кочани и во Оризари“ нагласи Грозданов.

Најавувајќи повеќе капитални проекти со средства од Владата и од министерствата, градоначалникот посочи дека од понеделник започнува со работа новиот објект „Детелинки“ на Детската градинка „Павлина Велјанова“, со кој се обезбедува зголемен капацитет за згрижување, современи услови и безбеден простор за нашите најмлади сограѓани, капацитет што ќе им го олесни и секојдневието на родителите, создавајќи им простор за работен ангажман.

– Конечно, на 9 јануари е закажано отворањето на понудите за изградба на Старечкиот дом; со почетокот на 2026 година ќе започнат и градежните работи за изведба на атмосферска канализација на источниот влез на Кочани, а со поддршка од Министерството за транспорт и врски обезбедивме услови за реализација на Јужниот булевар. Институционалните кочници се отстранети, па во периодот што следува го очекуваме стартот на изведбата на овој, за Кочани важен сообраќаен коридор. Со средства од државата ќе се реализира и изградба на нов потисен цевковод, како и мост што ќе ги поврзува улиците „Вера Которка“ и „Лазар Андонов“. Така значително ќе се подобри инфраструктурната поврзаност и функционалноста на овој дел од градот. По Нова година ќе започне и изградбата на патот што ќе го поврзува селото Тркање со компанијата „Амфенол“, со што ќе се создадеме безбеден и модерен сообраќаен пристап за повеќе од 3.500 вработени, но и дополнителен поттик за локалниот економски развој. За селото Тркање подготвуваме проектна документација за изградба на фекална и атмосферска канализација. Работиме на изнаоѓање трајни решенија за паркирање на што поголем број возила – подготвуваме урбанистичка документација за изградба на катна гаража и за поставување платформи за паркирање. Наредниов период очекуваме Владата да го отстапи просторот на Општина Кочани каде што ќе се градат типските објекти за групно домување за лицата од Старата касарна, со што ќе може да се распише тендерска постапка за изработка на проектна документација. Како поддршка за развој на туризмот на Пониква се нашите настојувања да изнајдеме најсоодветно решение за водоснабдување и одвод на отпадните води, како и можности за целосно осветлување на овој планински туристички центар – истакна Грозданов.

Како историски највисока сума за инвестиции во образовната инфраструктура, градоначалникот соопшти дека од Министерството за образование се одобрени 40 милиони денари за реконструкција на училишни објекти во Кочани за опремување со реквизити на Спортската сала „Сашо Лазарев-Чапо“ и за доградба на 5 училници во ОУ „Никола Карев“, што ќе биде почеток на процесот на оптимизација и едносменска настава во основните училишта. Со овие средства ќе се менуваат и подот и кровот на СОУ „Гошо Викентиев“, а училиштето „Крсте Мисирков“ во Оризари ќе добие фотоволтаици. Благодарение на поддршката од државата, со блок-дотации од МОН, основните училишта ќе ја стартуваат 2026 година без долгови за комунални услуги. Со поддршка од Министерството за спорт, во 2026 година целосно ќе се реконструираат два значајни спортски објекта во Кочани – Спортската сала „Сашо Лазарев-Чапо“ и Салата за гимнастички спортови „Партизан“.

На крајот на обраќањето градоначалникот изрази длабоко сочувство и поддршка за родителите и семејствата на загинатите во трагичниот настан и упати порака до сите повредени во катастрофалниот пожар, на кои им посака брзо и целосно закрепнување, сила и трпение на секој чекор од патот кон подобра иднина. Честитајќи им ја Новата година на сите граѓани, им посака здравје, мир и благосостојба.

Општина  Кочани

КОМЕНТАРИТЕ  СО  НАВРЕДЛИВА  СОДРЖИНА  И  ВУЛГАРНОСТИ  ЌЕ  БИДАТ  ИЗБРИШАНИ  А  НИВНИТЕ  АВТОРИ  БЛОКИРАНИ