Има ли крај на ова лудило што ни се постојано случува во општината. Ќе се најде ли некој соодветен орган во кого вработените си земаат добри плати а за ништо „мува не ги лази“. По запалувањето на Градската депонија (така изјави в.д. директорот на КЈП Водовод), по постојаното палење на стрништата, по бесправниот голосек на дрвцата за изградба на мини хидроцентрала, по пресечените врби покрај реката и во паркот, по сечата на дрвата спроти „Летната сцена“, на ред дојдоа дрвцата во кругот на некогашната „Филтер станица“.
Жителите во овој дел од градот веќе неколку дена реагираат на бесправното сечење на дрвцата но по се изгледа секој на секого ги префрла ингеренциите а секој ден има се помалку дрвца.
„Дрвцата се сечат на кој како ќе му текне. Реагираме во полицијата од каде ни велат дека не се тие надлежни за овој проблем, Од шумско стопанство викаат дека не можат тие да се расправат со оние што ги сечат дрвцата бидејќи им се заканувале, а ние жителите во непосредна близина на кругот на Филтер станицата ги садевме, ги полевавме и ги одржувавме со години за да секој со кого не можат да се справат одговорните во општината да сече и да си прави лична забава. Претпладнето еден од постојаните посетители на кругот пресече дрво, кога му реагирал еден наш сосед го оставил дрвото ама вечер ќе дојде и ќе си го однесе без да му е гајле. Сега не сака никој да реагира а кога се ќе биде пресечено ќе дојдат ќе не убедуваат ќе не распрашуваат како да ќе решаваат некој проблем кој во тој момент нема да е проблем бидејќи се ќе биде пресечено“, така реагираа жителите околу Филтер станицата во дописот што пред малку ни го испратија.
С. Ивановски