ГОРАН ЗДРАВКОВ НАЈДОБАР ТРЕНЕР НА ПОЛУСЕЗОНАТА ВО ВТОРА МАКЕДОНСКА ФУДБАЛСКА ЛИГА

Во Спорт
декември 11, 2022
1 минути

Со одигрувањето на натпреварите од 15-тото коло во Саботата и официјално заврши есенскиот дел од првенството во Втора Македонска Фудбалска Лига.

Екипата на „Гостивар“ е есенски шампион пред екипите на „Вардар“, „Воска Спорт“, „Пелистер“ и „Детонит Плачковица“. Токму екипата на „Детонит Плачковица“ е најголемото изненадување во есенскиот дел од првенството. Пред почетокот на првенството никој не ја рангираше во горниот дел на табелата, туку ја вбројуваа во кандидатите кои грчевито ќе се борат за зачувување на второлигашкиот статус, но Радовишкиот второлигаш на клупата го имаше одличниот стратег Горан Здравков кој направи состав за почитување, состав кој играше атрактивно и дома и на страна и состав кој секогаш тежнееше за гол повеќе од противникот.

Токму добрите игри и одличниот пласман на „Детонит Плачковица“ се причината нивниот стратег Горан Здравков да ја понесе титулата „Најдобар тренер во полусезоната во Втора Македонска Фудбалска Лига“.

Ако екипата од Радовиш со право се смета за хит на есенскиот дел од првенството, спротивно на неа екипите на „Слога 1934“ од Виница и „Каменица Саса“ од Македонска Каменица се најголемото разочарување. Ако се знае дека виничкиот второлигаш минатото првенство во последните три кола ја изгуби битката за пласман во Прва Фудбалска Лига тогаш пласманот на 14-тото место кое води во ранг подолу со право ги ставени во групата на екипи кои беа губитници во есенскиот дел на првенството.

Ништо подобро од виничани не помина ниту „Каменица Саса“. „Рударите“ пред почетокот на првенството доведоа неколку звучни имиња и најавуваа борба за едно од првите места на табелата но слабите резултати ги заковаа за 13-тото место кое води во доигрување за зачувување на второлигашкиот статус.

Зимската пауза започна, почетокот на вториот дел од првенството е закажан за последниот викенд од месец февруари доволно време за оние екипи кои нешто испуштиле есеноска со добри подготовки да надоместат доколку и следната година нивните навивачи сакаат да гледаат второлигашки натпревари.

С. Ивановски