Жители на Кочани се пожалија од појавата на се поголемиот број на глувци со кои секојдневно се справуваат самите како знаат и умеат.
Како што истакнуваат, во последните неколку месеци тоа е вистинска наезда од глувци кои по се изгледа преку канализационата мрежа честопати се појавуваат во нивните домови, односно станови. Јавно прашуваат дали е извршена навреме дератизацијата или ќе се чека нивниот број уште повеќе да се зголеми.
Одговорот го побаравме од надлежните служби во Општината.
Од ЈЗУ „Центар за јавно здравје“ – Кочани кое до пред неколку години мошне успешно ја вршеше дератизацијата не информираат дека тие и годинава како и претходната конкурирале на објавениот тендер од Општина Кочани, но на тендерот се јавила приватна компанија „Лиса ком“ од Кавадарци, која со неверојатно евтина понуда го добила тендерот и дека граѓаните одговорот за наездата на овие глодари треба да ја побараат кај надлежните во општината.
Од општината пак информираат дека во шахтите е фрлено отров против глувци но не секаде како што било планирано а и лошите временски услови (дождовите) допринесуваат водата од канализацијата отровот да го однесе подалеку од предвиденото место.
Граѓаните кои ни ги испратија фотографиите се од комплексот на новите згради што гравитираат на улицата „Стево Теодосиевски“, како што истакнуваат тие вината ја бараат во надлежните бидејќи при купувањето на становите им се гарантирал паркинг простор кој моментно личи на се, само не на место за паркирање на возилата,а и контејнерите во кои треба да се собира сметот се со мал капацитет ако се знае колку семејства живеат во зградите како и колку дуќани од околината овде го исфрлаат сметот.
С. Ивановски
КОМЕНТАРИТЕ СО НАВРЕДЛИВА СОДРЖИНА И ВУЛГАРНОСТИ ЌЕ БИДАТ ИЗБРИШАНИ