Дождот што на два часа пред дерби натпреварот од 29-тото коло во Втората Фудбалска Лига ПОМЕЃУ „Осогово“ и Брегалница“ што се одигра во Кочани ја расипа и најавената забавата и празникот на фудбалот.
Сепак двете навивачки групи од Штип и Кочани даваа тон на натпревар во кој влогот на гостите од Штип беше огромен. Токму во таков ритам започна и натпреварот. Играчите на „Брегалница“ знаејќи дека победата живот им значи агресивно започнаа ставајќи ги домаќините во подредена улога. Играчите на „Осогово“ збиени на својата половина само гледаа да ја исфрлат топката што подалеку од својот шеснаесетник не пак да помислат да се отворат и да го загрозат голот на гостински голман Филип Купанов.

Со таков приод на играта од двете страни сите на трибините беа во исчекување кога мрежата на „жетварите“ ќе се затресе, бидејќи нападите на „штипските сини“ беа во бранови. И конечно во 18’ резултатот беше откриен. Костадин Капсаров убаво беше проигран на левата страна во казнетиот простор на домаќините, следуваше удар по земја и топката заврши во малата мрежичка од левиот агол на немоќниот Ѓорѓи Јованоски.

Гостите заслужено дојдоа во водство но овде не застанаа. Продолжија со добрата игра, со покривањето на секоја педа од теренот со амбиции за нов погодок. Очигледно беше дека домашните играчи не можеа да парираат на ваквата игра на штипјани.

Се играше 42’ кога судијата Игор Стојчевски по еден фаул во домашниот шеснаесетник над еден гостински играч покажа на белата точка. Костадин Капсаров успешно го реализираше ударот од белата точка и со залиха од два гола играчите отидоа на одмор.
Во второто полувреме огреа сонце, но тоа како да не ги разбуди домаќините. Во 55’ по еден кокс на домашната одбрана Костадин Капсаров тргна сам кон голот на „Осогово“, а кога домашниот голман му тргна во пресрет со манир на голем играч го префрли и топката по трет пат заврши во мрежата на домаќините.

По сигурното водство од 3:0 за гостите и двата тренери направија по пет замени, кои не дадоа никаков резултат.
Се на се добра игра на гостите и сосема заслужена победа, додека пак домаќините ги одиграа најлошите деведесет минути оваа пролет, но верните навивачи на „Осогово“ сепак со аплауз ги испратија во соблекувалната што беше знак дека се задоволни од целокупниот настап во пролетниот дел од првенството.

Резултати од 29-тото коло:
Осогово – Брегалница 0:3
Кожуф – Тетекс 1:4
Победа – Вардар (Н) 3:5
Шкендија (А) – Новаци 5:1
Беласица – Каменица Саса 1:0
Слога 1934 – Преспа 3:2
Детонит Плачковица – Охрид 0:2
Големо Коњари – Скопје 1:6

С. Ивановски
КОМЕНТАРИТЕ СО НАВРЕДЛИВА СОДРЖИНА И ВУЛГАРНОСТИ ЌЕ БИДАТ ИЗБРИШАНИ А НИВНИТЕ АВТОРИ БЛОКИРАНИ
