ИЛИНДЕНСКИ СПОРТСКИ ИГРИ „ЧЕШИНОВО 2022“, ЕКИПАТА НА „СОКОЛАРЦИ“ ПРВ ФИНАЛИСТ

јули 30, 2022
1 min read

Екипата на „Соколарци“ е првиот финалист на годинешните Илинденски Спортски Игри „Чешиново 2022“, откако денес во еден мошне добар одигран натпревар заслужено го совладаа минатогодишниот шампион „Чифлик“ со резултат 2:1 (1:0).

И двете екипи истрчаа на теренот со желба за победа но играчите на  „Соколарци“ беа тие кои ја диктираа играта. Како плод на таквата игра дојде и погодокот што го постигна Тоше Манов со кој гол и водство на „Соколарци“ играчите заминаа на одмор.

Во вторите четириесет минути „Чифлик“ се обидуваше да дојде до израмнување, но „Соколарци“ беше тој кој создаваше шанси за гол и доколку на голот на „Чифлик“ не се наоѓаше мошне добриот Славјан Паунов натпреварот од поодамна ќе беше решен. Но и Паунов не беше семоќен па неговата мрежа по втор пат се затресе а стрелец беше Марио Анастасовски. Конечните 2:1 ги постави играчот на „Чифлик“ Илија Шуманов.

Вредно е да се спомене дека на почетокот на второто полувреме Чешиново го зафати силен дожд кој едноставно ги натера гледачите предвреме да си заминат.

Утре  (Недела) со почеток во 17:30 часот се игра вториот полуфинален натпревар „Академија Чешиново-Облешево“ – „Карбинци“.

Организаторот ги замолува екипите да дојдат на време за да натпреварот започне во најавениот термин, бидејќи и за утре се најавуваат врнежи на дожд проследени со грмотевици па можно е да дојде до исклучување на електричната енергија.

С. Ивановски