ЌЕ ИМААТ ЛИ МОЖНОСТ ЖИТЕЛИТЕ НА КОЧАНИ ДА ГО КОРИСТАТ ГОДИНАВА БАЗЕНОТ?

јуни 15, 2025
0 минути

Почнаа летните горештини и голем број од населението со право се прашува дали годинава ќе имаат можност да ги поминат летните денови на „Олимпискиот базен“ во Кочани.

Да потсетиме овој спортски објект е изграден од средства на жителите на Кочани во времето додека постоеше ОСИЗ за физичка култура – Кочани, што значи дека жителите на општината се тие кои имаат приоритет да го користат.

Во далечната 1989 година кога со закон се укинаа Интересните заедници, а со одлука на Извршниот Совет на Општина Кочани „Олимпискиот базен“ се даде на управување на КЈП „Водовод“.

Минатата година базенот долго време не работеше со изговор дека неговото работење не било рентабилно, односно со него комуналното претпријатие било во загуба. Дали и годинава така се размислува во КЈП „Водовод“ не ни е познато но факт е дека жителите на Кочани разладување бараат на базенот во Виница и во горниот дел по течението на Кочанска река.

Ако навистина КЈП „Водовод“ не е во состојба да управува со базенот тогаш истиот нека се даде на приватна компанија, само што тогаш дел од вработените во „Водовод“ кои имаат попис и опис на работни задачи поврзани со базенот ќе мора останат без работа.

Горештините продолжуваат, жителите на Кочани бараат спас од високите температури, пожелно е од КЈП „Водовод“ да излезат со соопштение и да им кажат на жителите на Кочани дали и кога ќе проработи „Олимпискиот базен“, вака како што стојат работите никој ништо не кажува, се е сведено на претпоставки.

С.  Ивановски

КОМЕНТАРИТЕ  СО  НАВРЕДЛИВА  СОДРЖИНА  И  ВУЛГАРНОСТИ  ЌЕ  БИДАТ  ИЗБРИШАНИ