ЌЕ ЈА ПОВТОРАТ ЛИ ПАРТИИТЕ ГРЕШКАТА СО ЛИСТИТЕ ЗА СОВЕТНИЦИ?

септември 3, 2025
1 минути

Во понеделникот до полноќ Независните кандидати за градоначалници и Независните листи за советници се поднесоа до ДИК и тоа е завршена работа. Сега на потег остануваат партиите кои треба листите да ги достават најдоцна до 13 Септември.

Но како што стојат работите тоа правење на листите нема да оди лесно бидејќи членовите на најголемите партии мака мачат со членовите од партиите приврзоци кои по секоја цена сакаат да бидат на листите и тоа во горниот дел за да нели чувствуваат барем некоја мала надеж дека ќе влезат во советничките клупи и дебатирале или не преку целиот мандат ќе си го земаат и онака не малиот паушал.

Овој Совет на Општина Кочани ги брои последните денови, но сакале да признаеме или не добро е што е така бидејќи според сите мерила ова е најнепродуктивниот состав на советници кои Кочани ги има изгласано во плурализмот.

Евидентно е дека партиите направија голема грешка со ваквиот состав бидејќи тоа општината никаде на подобро не ја однесе, напротив со дискусијата на 6-7 советници толку се можеше, и затоа Кочани немаше речиси никаков напредок во овие години.

Да бидеме реални сите овие советници што беа во овој мандат се чесни луѓе, без речиси никакви хипотеки зад себе, но единствената нивна мана е што големиот број од нив не излегуваа на говорницата во изминатите четири години. Дали тоа е некаков страв или немање речник да се обраќаат од говорницата ќе го оставиме зад себе.

Деновиве  меѓу граѓаните главна тема се Локалните избори и во тие разговори со право се прашуваат, дали и овој пат партиите ќе ја повторат истата грешка?

За да не биде се исто како во овој мандат, за да општината почне цврсто да чекори напред потребно е да се направат листи како што доликуваат. Пожелно е на листите да се најдат имињата на спремни економисти, спремни правници, добри архитекти, градежници, агрономи, лекари, политиколози, електро инженери, машински инженери или лица кои се искусни говорници, а сé со цел дискусиите да бидат корисни, да може судирот на мислења да биде издржлив а сето тоа во интерес на жителите на општината.

Но, доколку се повтори грешката да се стават имиња по партиски клуч без разлика дали се добри и потковани говорници или не, општината наместо да граби напред, ќе се враќа со чекори наназад.

Време е да почнеме да размислуваме за подобро утре а не за доаѓање на лесен начин до паушали бидејќи од тоа ќе имаат корист само оние чии имиња ќе се најдат на советничките листи.

С.  Ивановски

КОМЕНТАРИТЕ  СО  НАВРЕДЛИВА  СОДРЖИНА  И  ВУЛГАРНОСТИ  ЌЕ  БИДАТ  ИЗБРИШАНИ  А  НИВНИТЕ  АВТОРИ  БЛОКИРАНИ