Несовесните земјоделци од Кочанскиот регион кои единствено ги интересира личната добивка и ништо друго денес попладнето повторно ги запалија полињата а огнот разгоруван од силниот ветар се ширеше со голема брзина. Гореше на сите страни и многумина со право се прашуваат дали на Кочани му се повторува август 2021 година кога буквално околу самиот град беснееја пожари предизвикани од човечки фактор.
Години наназад која и да е партија опозиција најлесно им е да манипулира со земјоделците поточно со оризопроизводителите кои не чекаат двапати да им се каже туку веднаш организираат протести, блокираат патишта, а пред јавноста со жалопојки изигруваат обесправени и осиромашени лица. Епа тие истите оризопроизводители денес повторно ги опожарија нивите без да помислат на загадувањето на воздухот и без да помислат за сигурноста на населението кое живее на перифериите од населените места како во градот така и во селата.
Противпожарните единици потпомогнати од доброволното противпожарно друштво цел ден се на терен. Со 2 камиони и 3 теренски возила, 12 пожарникари и 7 доброволци интервенираа да не дојде до проширување на пожарите и палење на куќите од перифериите во Прибачево, Грдовци, Мојанци, Горни и Долни Подлог и Уларци.
Дали некој од тие „кутри“ земјоделци помислил дека со палењето на стрништата драстично се зголемува загаденоста на воздухот, воздух кој го вдишуваме и ние повозрасните, но и нашите деца, внуци или ним се приоритет парите кои за жал еден ден нема да им значат ништо доколку продолжат вака и на околината и се случи еколошка катастрофа.
Службите од општината мора да реагираат и да побараат од надлежните во државата под итно да воведат драконски казни за полските пиромани, односно на секој на кого му е опожарена нивата да не добива субвенции.
Време е земјоделците да се изборат за квалитетно производство и да си постават своја цена а не да чекаат само помош од државата.
Времето од големата држава заврши пред триесет години, сега е време на пазарна економија, нека државата дозволи увоз на ориз па купувачот да оцени за колку пари од кој ориз со каков квалитет ќе сака да купува.
Се додека не се стави еднаш крај на ваквото самоволие ова ќе ни се случува и понатака.
Време е државата да реагира.
С. Ивановски