ЛИЧНИТЕ АМБИЦИИ ПРЕД ТРАДИЦИОНАЛНИТЕ И ИСТОРИСКИТЕ ВРЕДНОСТИ НА ФК „ОСОГОВО“

Во Спорт
февруари 12, 2025
1 минути

Викендот што доаѓа е резервиран за почеток ма пролетниот дел од првенството во Првата и Втората фудбалска лига. Значи „Осогово“ клуб со стогодишна традиција од оваа сабота ја започнува борбата за зачувување на второлигашкиот статус.

А која е фајдата дали „Осогово“ ќе игра и следната година во втората лига или ќе се спушти скалило подолу кога клубот нема поддршка од речиси никого. Освен средствата обезбедени од Буџетот на Општина Кочани, „Осогово“ мака мачи како да дојде до поголема финансиска кошница. Никој ама баш никој ако нема личен интерес не е заинтересиран да застане на страната на клубот кој мината година требаше да слави голем јубилеј, еден век постоење, но за жал оние кои токму преку клубот со години ги реализираат сопствените амбиции  не се ниту обидоа да направат некакво одбележување, да ги сочуваат историските вредности.

Повеќето од оние инстант членови на управата со години клубот го гледаат само за лична афирмација и ништо повеќе. Додека има некоја финансиска инјекција (кога е во втората лига) и колку-толку финансиски е безбеден, се лепат за „Осогово“ како тип-топ лепенки а штом видат малку густо како во годинешниот случај како глувците, први го напуштаат бродот кој тоне.

Во изминатите неколку години на прсти можат да се избројат луѓето кои како членови на претседателството на  „Осогово“ останаа лојални  (Перо Георгиевски, Бранко Богатинов, Дарко Атанасов) и кога екипата играше натпревари во втората лига но и кога играше во третата лига, тоа го знаат оние кои и те како се заинтересирани и го сакаат „Осогово“.

За три дена почнува грчевитата борба на клуб со еден век историја за зачувување на второлигашкиот статус. Оние кои го сакаат „Осогово“ и кои живеат за него сигурно и годинава ќе ги гледаат натпреварите, ќе се радуваат на победите но и ќе тагуваат на поразите, но што и да се случи мора да се сфати тоа како реалност.

Љубителите на фудбалот во Кочани а посебно навивачите на „Осогово“ убедени се дека со новата управа и новиот Стручен штаб ќе се дојде до посакуваните резултати, дека „жолто-сините“ и следното првенство ќе играат на второлигашките терени,

Во тоа многумина се убедени, само немој за време на летната пауза повторно за клубот да се залепат некои нови тип-топ лепенки кои преку клуб со еден век традиција ќе сакаат да обезбедат само личен интерес. Ако навистина таквите го сакаа клубот, минатата година ќе се потрудеа да  организираат прослава а не никаде со ниту еден збор не се ни потрудија барем да спомнаа дека фудбал во Кочани се игра ни повеќе, ни помалку тука само ЕДЕН  ВЕК.

С. Ивановски

КОМЕНТАРИТЕ  СО  НАВРЕДЛИВА  СОДРЖИНА  И  ВУЛГАРНОСТИ  ЌЕ  БИДАТ  ИЗБРИШАНИ