Во присуство на членови и симпатизери на партијата, вечерва Левица ја отвори новата канцеларија на Локалниот огранок во Кочани. Како што доликува канцеларијата ја отвори претседателот на партијата Димитар Апасиев, а на чинот на отворањето присуствуваше и пратеникот Борислав Крмов како и неколку членови на Централниот комитет и Локалниот клуб на партијата.
„Левица по инфраструктура веќе отвори околу 25 канцеларии во државата и по структура е веќе трета партија по големина, зборуваме за проширеност на ниво на цела Македонија. По ДПМНЕ и СДС, Левица се наметна како третта опција во државата. Оваа е средба со членството во Кочани. Ова само покажува дека е дојдено времето кога народот природно си бара трета опција затоа што двете најголеми партии на политичката сцена не ги застапувааат македонските национални интереси. Тука се појавува едно огромно мнозинство кое досега не е претставено во парламентот. Се надеваме на следните парламентарни избори Левица да има двоцифрен број пратеници и да биде вистински фактор на политичката сцена. Очекувањата се на среден рок да ја прегазиме СДСМ и да го земеме приматот на левичари, а потоа би се соочиле и со ДПМНЕ“ порача лидерот на Левица, Апасиев.
Новата локација на канцеларијата на Левица е во блок „Б“ во Градскиот Трговски Центар во Кочани во сутеренот кај „Големиот паркинг простор“
С. Ивановски