По само пет одработени тренинзи денес играчите на „Осогово“ го одиграа и првиот контролен натпревар како дел од подготовките пред стартот на пролетниот дел од првенството во Трета Фудбалска Лига – Исток.
По мошне лош терен за игра „Осогово“ и комбинираниот состав на „Работнички“ од Скопје одиграа 2:2 (1:1).
Гостите беа тие кои го отворија резултатот а домаќините во последната минута од првото полувреме со голот на Стефан Стефановски дојдоа до израмнување.
Шефот на стручниот штаб на „Осогово“ Ефтим Аксентиев во второто полувреме во играта внесе 7-8 нови играчи. Домаќините поведоа со 2:1 преку Драган Цветанов, но гостите сепак до крајот на натпреварот успеаја да го израмнат резултатот на 2:2 што беше и конечен резултат на овој интересен контролен натпревар.
„Задоволен сум од играта и во двете полувремиња. Досега одработивме само пет тренинзи па на овој натпревар каде нозете уште се тешки сепак играчите одиграа коректно, се залагаа и постигнаа два погодока од што сум да бидам искрен задоволен. Веќе во среда ја играме новата контрола, патуваме за Радовиш каде домаќин ќе ни биде второлигашот Детонит“ беше изјавата на Ефтим Аксентиев, Шеф на Стручниот штаб на „Осогово“.
Инаку условите за игра беа повеќе од лоши. Нерамниот терен кој на повеќе места нема ниту трева беше потенцијална опасност за играчите од двете екипи кои за време на играта освен играта со топка размислуваа како да се сочуваат од повреди.
С. Ивановски