По повод 1 Април, Меѓународниот ден на шегата, на платото на Центарот за култура „Бели мугри“ во Кочани се одржа традиционалната „Априлијада“.
На настанот организиран од Општина Кочани, маскирани дефилираа и настапија деца од Детската градинка „Павлина Велјанова“ и ученици од кочанските основни училишта.

Присутните ги поздрави Александар Андов, претседател на Советот на Општина Кочани, кој го изрази задоволството што ги гледа најмладите сограѓани во едно поинакво издание, кое го крие нивниот вообичаен изглед, но не и детската радост.

„Вашите насмевки се најголемата радост за нас возрасните. Тие нè потсетуваат дека, и покрај сите предизвици, животот треба да се живее со ведрина, со шега и со отворено срце. Затоа, наша обврска е да создадеме услови во кои вашето детство ќе биде исполнето со радост, игра и безгрижност. Драги деца, уживајте во денешниот ден, дружете се, смејте се и не заборавајте – најубавите шеги се оние што носат радост и не повредуваат никого“ рече Андов во поздравното обраќање.
Првоаприлската манифестација ја организира Одделението за јавни дејности од Општина Кочани со средства од Програмата за поддршка на образованието.

КОМЕНТАРИТЕ СО НАВРЕДЛИВА СОДРЖИНА И ВУЛГАРНОСТИ ЌЕ БИДАТ ИЗБРИШАНИ А НИВНИТЕ АВТОРИ БЛОКИРАНИ
