Постарите кочанчани сигурно се сеќаваат на некогашниот Хотел „Турист“, култен објект и простор каде еснафот од Кочани секојдневно се собираше. Објект и простор во кој се организираа свадби како и културно забавни манифестации меѓу кои и легендарните „Студентски вечери“.

Денес тој култен објект и простор под името Хотел „Центар“ е најголемото ругло сместено во строгиот центар на Кочани. Денес ваквата состојба на објектот им смета на кочанчани, посебно на жителите кои живеат околу него. Зградата одамна е место на собирање на бездомници, наркомани и пијанци, едноставно како што велат жителите околу објектот таму е извор на заразни болести.

Токму жителите од околните куќи не информираа дека во деновите по новогодишните празници се одронило парче од фасадата од западната страна на објектот и сета среќа што во тој момент никој ниту поминал од таму а немало ниту возило паркирано.

Што ќе се случеше доколку делот од фасадата паднеше врз некое лице што во тој момент овде поминувало не може ниту да се претпостави.

Деновиве дојдовме до информации дека објектот е сопственост на приватно лице, но ниту истиот се руши, ниту истиот се реновира бидејќи како што ни велат, наводно повеќе од десет години сигурно има причини па објектот е оставен на забот на времето. Но што и да е причина, одговорот сигурно го знаат надлежните во општината.

Минатата година на Кочани му се случи трагедија од големи размери, ќе се дозволи ли пак нешто слично да се повтори.

Институциите се тие што мора час побргу да го решат проблемот.

С. Ивановски
КОМЕНТАРИТЕ СО НАВРЕДЛИВА СОДРЖИНА И ВУЛГАРНОСТИ ЌЕ БИДАТ ИЗБРИШАНИ А НИВНИТЕ АВТОРИ БЛОКИРАНИ
