ОДГОВОР ОД ОО СДСМ КОЧАНИ НА РЕАКЦИЈАТА НА ГРАДОНАЧАЛНИКОТ НА ОПШТИНА КОЧАНИ

декември 22, 2021
0 минути

Почитуван,

Ни објаснувате за проекти кои ние ги создававме од идеја до основен проект, од избор на изведувач до оперативно започнување со работа. Ни објаснувате за проекти за кои макотрпно баравме финансии за да станат реалност како што се денес.

Не само овие три проекти, сите останати дваесет и три кои ги наследивте од претходното раководство на СДСМ, а кои беа во фаза на реализација се проекти за граѓаните и решаваат суштествени проблеми на граѓаните.  Неможе нешто да остане на лист хартија кога истото е веќе навлезено во фаза на реализација.

Не радува вашата посета на нашите проекти, тоа зборува за нашата визија која ја имавме изминатите четири години.

Но, театарот ДПМНЕ останува на сцена. Замајувањето на јавноста останува единствена одлика на оваа идеолошка матрица. Како може да промовирате нешто, кое е веќе започнато од СДСМ и претходното раководство? Најмалку што можете е да искажете благодарност, не да уценувате со реторички прашања. Иронијата да биде уште поголема зборувате за власт која и самите знаете како ја добивте, промовирајќи проекти кои ги оцрнувавте и оспорувавте.

Зошто не го прошетавте Вашиот лидер, до новата градинка, до Ленинова, до Градскиот Парк, можеби тоа го чувате за наредна посета и промоција?

Најавувавте мостови, сали, катни гражи, булевари, а гледаме дека во буџетот за 2022 година, освен продолжување на проектите оставени од претходното раководство немате предвидено средства ниту за проектна документација за истите.

Граѓаните на Општина Кочани го чекаат првиот Ваш личен проект!

Со почит,

ОО СДСМ Кочани