ОХРИДСКИТЕ „РИБАРИ“ УЛОВИЈА ТРИ БОДА ВО КОЧАНИ

Во Спорт
октомври 29, 2024
1 минути

По се изгледа веќе е пракса, на која екипа и требаат бодови, ќе дојде во Кочани, ќе одигра и ќе си замине пеејќи. Денес тоа им успеа на играчите на „Охрид“ кои одиграа мошне добар натпревар во Кочани на кој играчите на „Осогово“ им парираа додека имаа сила, а откако почна некои играчи едноставно да се „влечат“ по теренот дојдоа и двата погодока во нивната мрежа. Рака на срце, хендикеп за домаќините беше и тешката повреда на Стојче Стојов во 43“дотогаш убедливо најдобриот и најопасниот играч кај домаќините, кој во второто полувреме не се ни појави на теренот..

Натпреварот започна со напади на домаќините а веќе во 3’ Стојов одлично го изведе слободниот удар, упати вистински „проектил“ кон голот на гостите но голманот Матеј Андов со прекрасна интервенција ја сочува својата мрежа.

Но како времето одминуваше гостите се повеќе почнаа да напаѓаат кон голот на денес извонредниот Ѓорѓи Јованоски кој во два наврати во 24’ и 28’ со извонредни интервенции ја сочува својата мрежа. Во првото полувреме за одбележување е и слободниот удар на Стојче стојов од левата страна,ж. Ударот беше извонреден, топката го пречета гостинскиот чувар на мрежата но Бакрачески со прекрасна интервенција со глава ја исфрли топката од пред небранетиот дел од мрежата.

 

Се играше 43’ кога Стојов упати удар од работ на шеснаесетникот но тогаш и се слушна извик на болка од играчот на „Осогово“. Падна на земјата, се фати за главата а медицинската екипа по извршениот преглед на самото место со колата на Итна помош го испрати во Општа Болница со проширена дејност – Кочани.

Вториот дел започна со шанса за домаќините, Нововлезениот Славче Митовски во 47’ тргна кон голот на Охриѓани и од работ на шеснаесетникот упати удар кој заврши над голот.

Во 56’ домаќините бараа пенал но иако реагираа судијата Доне Ристовски покажа дека треба да изведат корнер.

Клучниот момент се случи во 69’. Фикрет Љиварека изби сам пред противничкиот гол, го мина истрчаниот матеј Андов но отиде премногу лево па шансата пропадна а тоа го искористија гостите кои брзо се престроија во нападот и кога дојдоа во домашниот шеснаесетник одиграа двојно додавање па кое на Оливер Дишлиевски  не му беше тешко да го совлада домашниот голман. По водството гостите продолжија со својата игра а домаќините никако не успеваа да создадат нова прилика за погодок. Победникот беше решен во 90’. Ерен Парталко по една контра беше проигран на неколку метри од домашниот гол и не му беше тешко топката да ја уфрли во празната мрежа.

Навивачите на „Осогово“ демонстративно почнаа да го напуштаат стадионот незадоволни од резултатот а уште повеќе од играта на нивните миленици.

Резултати од 10-тото коло:

Осогово – Охрид  0:2

Вардар (Н) – Новаци  3:1

Каменица Саса – Победа  4:1

Вардарски – Башкими  0:3

Скопје – Беласица  0:2

Кожуф – Аресими  1:1

Детонит Плачковица – Македонија ГП  0:0

Брегалница – Борец  4:0

Во следното коло „Осогово“ му гостува на „Башкими“ во Куманово.

С.  Ивановски

КОМЕНТАРИТЕ  СО  НАВРЕДЛИВА  СОДРЖИНА  И  ВУЛГАРНОСТИ  ЌЕ  БИДАТ  ИЗБРИШАНИ